Фото: Игор Бансколиев

Вооружување со современи системи за одбрана на копно и во воздух, унапредување на комуникациските системи и на капацитетите за борба со хибридни закани, подобрување на сајбер-одбраната и развојот на способности за извидување, разузнавање и набљудување и определување на целите (ИРНОЦ) се дел од содржините на новиот стратегиски документ на македонската одбрана, кој ќе се спроведува во наредната декада, помеѓу 2019 и 2028 година.

Во текстот на овој сеопфатен документ, објавен на страницата на Министерството за одбрана, се наведува дека долгорочниот план за развој на одбранбените способности е основен документ врз кој се проектира развојот на одбранбените и воените способности на вооружените сили на државата во насока на нејзиното идно зачленување во НАТО.

Во текстот на планот на македонската одбрана пишува дека воената опрема постепено ќе се модернизира, а притоа ќе се користат разни програми што за оваа цел се развиени со стратегиските партнери, преку соработки што произлегуваат од билатерални договори и од мултинационални иницијативи во рамките на проектот за развој на заеднички способности, познат како „паметна одбрана“ на НАТО.
Во одбранбената документација се наведува дека главна цел е воспоставување финансиски прифатлив и одржлив одбранбен сектор и модерна и флексибилна армија со нова структура и со намалена бројна состојба, која ќе биде способна за извршување на одбранбените мисии во согласност со Уставот на Македонија, националните стратегиски документи и задачи произлезени од стратегискиот концепт на НАТО.

Во делот на стратегиските одговори на безбедносните закани пишува дека одбраната на државата ќе се гради во согласност со одговорите на безбедносната состојба во глобални рамки, која инаку е динамична, комплексна и тешко предвидлива.
– Современите закани се главно од хибридна природа и се под големо влијание на процесот на глобализација. За разлика од традиционалните ризици и закани, хибридните закани, освен конвенционалните, вклучуваат и криминални и асиметрични закани – пишува во документацијата.
Таму се наведува дека во иднина се проценува дека веројатноста од конвенционални оружени конфликти помеѓу државите е значително намалена, но во никој случај не може да се исклучи.

Во меѓувреме, за потсетување, овој документ е надградба на досегашните стратегиски прогнози за развој на армијaта како дел од безбедносниот апарат на земјата, а до неодамна важеше стратегија за одбрана што беше донесена во 2010 година, како резултат на тогашните безбедносни закани и предизвици на државата.
– Долгорочниот план, во согласност со утврдената процедура, ќе се ажурира најмалку еднаш на четири години, во согласност со утврдената национална процедура, како и на политичките насоки што произлегуваат од процесот на одбранбено планирање на НАТО – пишува во документот.

Универзитетскиот професор Методи Хаџи-Јанев во свој осврт на овој стратегиски безбедносен документ вели дека стратегискиот одбранбен преглед, генерално и во наједноставна форма кажано, е документ со кој една држава врши подготовка за операционализација на стратегијата.

– Тоа е документ што дава насока за развојот и (ако има потреба) трансформацијата на вооружените сили и на војската како инструмент на национална моќ што може да ја изврши поставената цел – вели Хаџи-Јанев.
Според професорот, стратегиските документи на одбраната се клучни анализи што обезбедуваат насоки за идниот развој и континуирана трансформација на одбранбениот државен механизам, за создавање модерна и флексибилна армија како идна членка на НАТО.

– Тоа обезбедува системски пристап кон одбраната и креирањето на овој инструмент на државна моќ што е компатибилен со визијата на Алијансата – резимира Хаџи-Јанев.

[email protected]