Во анализата на „Брејкинг дифенс“, која се повикува и на извори од Пентагон, се вели дека денешното НАТО не е подготвено да ги спречува овие напади со мали беспилотни летала (дронови) и ракети со краток дострел, како оние што ги погодија нафтените објекти на Саудиска Арабија

По неодамнешниот напад со дронови врз нафтените инсталации на саудиската рафинерија, во кој се покажа дека саудискиот систем за противвоздушна одбрана е неефикасен, се поставува прашањето колку НАТО-земјите, вклучувајќи ја тука и Македонија како идна членка, се безбедни од евентуални напади од овие летала во иднина. Впрочем, со ваква дилема излезе американскиот реномиран интернет-портал „Брејкинг дифенс“, кој во своја анализа, по повод последните случувања на Персискиот Залив каде што силнатa противвоздушна одбрана на Саудиска Арабија вооружена со фалените американски системи „патриот“ и „аегис“ беше пробиена, анализира што би значело тоа во иднина за НАТО.

По нападите во Саудиска Арабија, висок официјален претставник на Пентагон изјавил дека денешното НАТО не е подготвено да ги спречува овие напади со мали беспилотни летала (дронови) и ракети со краток дострел, како оние што ги погодија нафтените објекти на Саудиска Арабија. Истиот претставник на Пентагон, говорејќи во Центарот за европска анализа на политиките во Вашингтон, вели дека заканите од ваквото оружје и тактики се развиле побрзо од можноста на НАТО да ги реконструира ракетната одбрана и системите на радарите за откривање помали објекти слични на дроновите, што се движат побрзо.

– Нападот, кој погоди дури 17 различни цели во добро заштитениот објект клучен за саудиската нафтена индустрија, го шокира светот и ја натера администрацијата на Трамп да испрати стотици војници и повеќе опрема за противвоздушна одбрана во Саудиското Кралство, кое, пак, веќе го купи напредниот американски воен комплет низ годините претходно, вреден стотици милијарди долари токму, за заштита од вакви напади. Сепак, ракетниот систем „патриот“ изработен во САД, но и скапите радари и ракети не направија многу за да го заштитат небото од дроновите на јеменските бунтовници Хути. Ова е само уште еден факт дека НАТО и земјите што го поседуваат истото противвоздушно оружје од Америка се порозни на ваков тип летала и ракети – се вели во анализата на „Брејкинг дифенс“.

Во однос на земјава како идна земја-членка на НАТО, која ќе биде ставена под чадорот на НАТО со што ќе биде заштитена од тероризам или од друг тип воздушни напади од трети земји, воено-политичкиот аналитичар Милан Стефановски вели дека ниедна земја на светот не е стопроцентно заштитена од воздушни напади. Тој објаснува дека сѐ почесто терминот „дрон“ се користи во конотација поврзана со безбедноста на една држава. Стефановски во исто време додава дека и потребата на дроновите во воените цели на една земја е широка и, според него, тие можат комплетно да ги заменат авионите и хеликоптерите на боиштата, но истовремено можат да се користат за надгледување и заштита на објекти, гранични премини и слично.

– Државата, преку Агенцијата за цивилно воздухопловство донесе уредба со која се регулира кој може да лета дрон, каде и кога на домашното небо. За сите други летови, комерцијални и за сопствени е потребна лиценца, која ќе ја издава агенцијата, но по претходна помината обука за пилоти во акредитиран центар и положен теоретски и практичен испит. Што се однесува на евентуален напад на цели во земјава од страна на некакви беспилотни летала или ракети од трета земја, мислам дека прво тоа е невозможно, а второ Македонија засега не поседува таков софистициран противвоздушен систем што би можел да ја штити земјава од воздушни напади слични на оние во Саудиска Арабија. Дали НАТО допрва ќе инсталира такво нешто овде и стопроцентно ќе ја гарантира безбедноста на македонските граѓани, останува да видиме – вели Стефановски. Тој истакнува дека и за Македонија употребата на дронови во одбраната е значајна, а нашата армија и полиција засега располагаат со одреден број вакви летала, кои имаат различна употреба.

Аналитичарот потсетува дека сепак дроновите се понов тип технологија и справувањето со нив во воена смисла на зборот сѐ уште е недефинирано и затоа можеби НАТО има одредени тешкотии во тој правец. Стефаноски, сепак, е сигурен дека во скора иднина сето ќе се смени, а воениот сојуз ќе најде соодветен координиран одговор на оваа закана.

[email protected]