Макрон виде крај за Алијансата, преостанатите лидери гледаат друго

Во интервјуто за британскиот неделник „Економист“, францускиот претседател даде извонредно драматична изјава со став дека НАТО е пред умирање, а Европа е на работ на амбисот. Тоа е едно исклучително сериозно становиште што имплицира повеќе состојби, односно дали навистина Алијансата се наоѓа во криза или, пак, зад ваквите изјави се крие интенцијата на францускиот претседател акцентот да се стави врз европските одбранбени сили. Што и да се крие зад таквата изјава, таа содржи најава со потенцијал за извонредно тешки тектонски поместувања на глобално ниво. Иако преостанатите светски лидери дадоа спротивни изјави со смирувачки тонови, нашата држава и лидерите мора да ги антиципираат овие процеси

Последните изјави на францускиот претседател Емануел Макрон околу состојбата на НАТО предизвикаа бурни реакции кај другите светски лидери, но и кај дел од домашните аналитичари, кои не се согласуваат со неговата констатација и сметаат дека функционирањето на Алијансата не е загрозено.
Германската канцеларка Ангела Меркел оцени дека речникот што го употребил Макрон бил суров и порача дека не го дели неговиот став.
– НАТО останува камен-темелник на нашата безбедност – изјави Меркел на заедничката прес-конференцијата со генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг во Берлин.
Генералниот секретар на Алијансата Столтенберг порача дека Алијансата е силна, укажувајќи дека САД и Европа „соработуваат повеќе отколку во изминатите децении“.
Се огласи и американскиот државен секретар Мајк Помпео, кој рече дека со „извонредната работа на демократските земји е создадена слобода и милиони луѓе се извлечени од многу тешки ситуации“.
– Мислам дека НАТО сè уште е важен, клучен, историски можеби еден од најклучните, стратегиски партнери во запишаната историја – рече Помпео во Лајпциг.
Од друга страна, изјавите на Макрон наидоа на одобрување од портпаролката на руското министерство за надворешни работи Марија Захарова.
– Колку е тоа точно. Изјавата ја одразува вистината. Тоа е јасна дефиниција на сегашната состојба на НАТО – оцени Захарова на Фејсбук.

Имено, Макрон завчера даде драматично интервју за британскиот неделник „Економист“ во кое изјави дека НАТО е пред умирање, а Европа е на работ на амбисот.
Ваквите драматични изјави изречени од устата на човекот што претендира да стане новиот европски лидер по најавеното повлекување на германската канцеларка Ангела Меркел, повторно ја отвора дилемата дали навистина Алијансата се наоѓа во криза или, пак, зад ваквите изјави се крие интенцијата на францускиот претседател акцентот да се стави врз европските одбранбени сили.

Изјавата за колапсот на НАТО доаѓа во момент кога уште само три земји не го ратификувале протоколот за членство на Македонија во НАТО, со што земјава очекува на почетокот на следната година да стане 30-та членка на Алијансата.
– Она низ што во моментот поминуваме може да се опише како мозочна смрт на НАТО. Европа се наоѓа на работ на амбисот – рече Макрон и додаде дека Европа мора да почне стратегиски да размислува за самата себе како геополитичка сила.
Тој во завчерашното интервју за „Економист“ ги предупреди европските земји дека повеќе не можат да се потпираат врз САД, односно од Америка повеќе не може да се очекува да застане во одбрана на земјите-членки на НАТО.

– Повеќе не постои никаква координација во донесувањето стратегиски одлуки меѓу САД и сојузниците во НАТО и во моментот присуствуваме на агресија на партнерска Турција во зона во која, без координација, нашите интереси се на коцка – заклучи Макрон, порачувајќи дека она што се случува е „голем проблем за НАТО“.

– Се ангажиравме во борбата против Исламска држава (ИД). Парадоксално е што американската одлука и турската офанзива во обата случаја имаат ист исход: жртвување на нашите партнери на терен, кои се бореа против ИД – Сириските демократски сили – рече Макрон.

Токму од тие причини тој смета дека Европа, од една страна, мора да ги засили сопствените воени капацитети и на воен план да стекне стратегиска автономија, но од друга страна, повторно да го започне стратегискиот дијалог со Русија што би бил лишен од секаква наивност, за што, како што оценува, ќе биде потребно време.
Макрон додава дека САД и Европа досега ги делеле интересите, но дека Америка првпат има претседател што „не ја дели заедничката идеја за европски проект“ и дури и Трамп да не победи на следните избори, историскиот тек го направил своето и ги раздвоил старите сојузници.

Францускиот претседател вели дека Доналд Трамп на НАТО гледа како на некаков трговски проект.
– Според него, тоа е еден проект што на САД му обезбедува еден вид геополитички чадор, но истовремено и одредена трговска ексклузивност. Франција на тоа нема да се согласи – порача Макрон.

Тој уште рече дека сега е потребно итно да се разјаснат стратегиските цели на НАТО. Дел од домашните аналитичари во ваквите изјави на Макрон за НАТО гледаат извесна нетрпеливост кон актуелното раководство на Алијансата, додека дел не можат да ги разберат ваквите пораки.

– Ваквите изјави не значат ништо друго освен дека проблемот во НАТО е во главата, почнувајќи од генералниот секретар, па надолу. Целата работа повеќе ми личи на еден вид лична нетрпеливост кон актуелниот генерален секретар, кој за волја на вистината и не покажа некакви резултати – смета професорот Јове Кекеновски.

Тој додава дека НАТО отсекогаш бил во служба на американските интереси.
– НАТО благодарение на САД, Велика Британија и Германија беше во служба на американските интереси. Само да се потсетиме на интервенцијата на НАТО во Ирак кога беше соборен Садам Хусеин поради американските сознанија дека поседува хемиско оружје, што подоцна се покажа дека не било точно – нагласува Кекеновски.
Според генералот Митре Арсовски, сè додека НАТО стои добро финансиски, не постои никаква закана за неговото постоење.

– Изјавите на Макрон дека НАТО се наоѓа во состојба на мозочна смрт не можам да ги разберам, практично се невозможни. Сè додека НАТО има финансии, а ги има, не може да го снема. САД се најголемиот финансиер и клучната алка, така што тешко ќе се случи тоа – смета генералот Арсовски.

Тој додава дека во време кога ЕУ нема сопствена воена формација, НАТО е организацијата што се грижи за европската безбедност.
– Едноставно изјавата на Макрон ја разбирам како инерција на човек што сака без поголема битка да ја заземе лидерската позиција во Европа – е ставот на Арсовски.
Според него, најверојатно станува збор за избрзана изјава по која ќе следуваат дообјаснувања.

Шпекулациите околу иднината на најголемата воена алијанса повремено се појавуваат во различни контексти, иако овој пат изјави за судбината на НАТО доаѓаат од човекот што претендира да стане нов европски лидер. Дали станува збор за несреќен избор на зборови или, пак, за јакнење на геополитичката улога на Европа во однос на САД, ќе покаже времето, но секако државниот врв, во интерес на граѓаните и иднината на државата мора да ги има предвид овие „ветришта за најавени промени“.