Она што го прави прашањето актуелно и уникатно е фактот дека антитерористичката акција од пред некој ден се случува паралелно со процесот на ратификација на Протоколот за членство на Македонија во НАТО во националните парламенти на државите што се дел од Алијансата, од што се влече заклучок дека на терен веќе на големо се чувствуваат безбедносните придобивки

Дали чадорот на НАТО веќе активно ја штити Македонија од тероризам или станува збор само за демонстрација на најавената тесна безбедносна соработка е дилемата што се наметна во јавноста откако пред пет дена МВР соопшти дека по дојава од пријателска земја, полицијата спречила терористички напад од Исламската држава (ИД).
Во меѓувреме, од МВР, освен дека станувало збор за напад во фаза на планирање, до вчера останаа на ставот дека се работи за чувствителен случај, дека соопштиле сè што можеле да соопштат и истакнаа и дека нема простор и потреба за паника. Единствена понова информација е таа дека обвинителството ги предало на вештачење уредите и другите материјали што биле одземени при т.н. акција на полицијата. Вистина, во меѓувреме, од американската амбасада во земјава и од бугарското МНР, преку соопштенија до јавноста, индиректно потврдија дека и тие ги имаат информациите за можни терористички напади во Македонија, што сепак навестува на некаква трага за потеклото на информацијата.

А поради скромната полициска информација се создаде широк простор за слободни толкувања на ситуацијата, без подлабоки навлегувања во заднината. Поради тоа, „Нова Македонија“ се консултира со безбедносни експерти, во обид преку нивни видувања, да се фрли поголемо светло на настаните.

Поранешниот македонски амбасадор во НАТО, професорот Нано Ружин е сигурен дека минатонеделните антитерористички операции во земјата со сигурност се резултатот на блиската соработка што ја има нашата земја со сојузниците од Алијансата и сето е само една нова димензија што НАТО ѝ ја носи на Македонија.

– Тука пред сѐ мислам на безбедносната соработка со САД, која е во нагорен правец по 2008 година, по потпишувањето на договорот за стратегиско партнерство, а која со нашето зачленување во НАТО едноставно се зголемува и добива на динамика. Мораме да знаеме дека сме дел од меѓународната коалиција за борба со тероризмот, па сите вакви слични операции се дел од тој сеопфатен фронт против оваа безбедносна закана. За потсетување, ние бевме и дел од мировните сили ИСАФ, каде што на терен дури и воено му се спротивставивме на глобалниот тероризам – вели тој.

Поранешниот амбасадор во Алијансата додава дека размената на разузнавачки информации меѓу службите на САД и на Македонија е сосема нормална работа и верува дека македонската полиција со сигурност знае и повеќе детали од оние што јавно ги соопшти во својата кратка информација до медиумите.

Според Ружин, тоа е така бидејќи најверојатно станува збор за строго доверливи информации во борбата со тероризмот.

– Ние знаеме дека сега Исламската држава е поразена на терен на Блискиот Исток и таа се распаѓа, но заканата од нејзините борци, меѓу кои има и луѓе од Балканот, сѐ уште останува активна – објаснува тој.

Ружин верува дека овие операции најверојатно се од превентивен карактер и дека со нивното спроведување најверојатно се спречува дејствувањето на повратниците од Блискиот Исток.

Универзитетскиот професор Атанас Козарев, кој е претседател на Асоцијацијата за корпоративна безбедност, оваа ситуација ја објаснува со фактот дека терористичките и антитерористичките операции во својот фундамент се обвиткани со превез на тајност, па оттаму не треба да нѐ чуди реакцијата на македонската полиција.
Според Козарев, постојат повеќе причини за оваа т.н. разбирлива состојба на молк од МВР за настаните.

Тој како такви ги посочува неопходноста од блага цензура на информациите, за да не се уништи натамошното спроведување на слични други операции од овој калибар во земјата и во регионот, и во исто време внимателноста да не се наруши идентитетот на луѓето што се носители во плановите и реализациите на овие антитерористички кампањи и истраги.

– Безбедносните институции функционираат врз основа на начелото на конспиративност и од консеквентното негово почитување многу зависи резултатот на нивната антитерористичка акција. Јавноста по правило се информира преку конкретни предупредувања за одредени терористички закани и предизвици, како што е случајот со информациите пласирани во медиумите кај нас од страна на Министерството за внатрешни работи, Амбасадата на САД и од бугарското МНР. Оттука, нормално е да има многу новинарски истражување за тоа дали спречениот терористички напад во нашата држава (според јавно објавените информации) е резултат на соработката помеѓу нашите безбедносни служби и нивните пријателски служби или, пак, можеби станува збор за нешто сосема друго – вели Козрев.

Според него, сепак она што го прави прашањето актуелно и уникатно е фактот дека акцијата се случува паралелно со процесот на ратификација на Протоколот за членство на Македонија во НАТО во националните парламенти на државите што се дел од Алијансата, од што се влече заклучок дека на терен веќе на големо се чувствуваат безбедносните придобивки.

Поранешниот министер за внатрешни работи Павле Трајанов, пак, истакнува дека токму нејасните информации од МВР околу случувањата го зголемуваат стравот во јавноста.

– Сепак треба да се пристапи сериозно, бидејќи и САД, сега и Бугарија укажуваат на можни терористички акции, но тие моменти не се доволно објаснети во јавноста и затоа постои вознемиреност и негодување поради тоа што МВР недоволно објасни во која насока се преземаат мерки, што е спречено, што се подготвувало. Значи, обврска на МВР е на соодветен начин да ги објасни тие работи за да се смират граѓаните – вели Трајанов.

Тој потсети дека земјава има проблем со припадниците на Исламската држава и оти треба да се реагира на соодветен начин.