Фото: Маја Јаневска-Илиева

Ова е прва учебна година што ќе функционира сосема различно од претходните. Различен ќе биде и начинот на испрашување и проверка на знаењата на децата

Новата учебна година ќе започне со онлајн настава, освен за децата од прво до трето одделение, но нивните родители имаат право на избор, па може наместо физичко присуство, да изберат децата да учат како другите – од дома. Ова е прва учебна година што ќе функционира сосема различно од претходните. Различен ќе биде и начинот на испрашување и проверка на знаењата на децата.
Министерството за образование и наука предложи измени во однос на оценувањето на учениците во основното и во средното образование, кои заедно со другите правила и новини треба да бидат усвоени од Собранието, за да може да започне нивната примена. Тоа што нема функционално Собрание е причина да задоцни почетокот на учебната година, која е предвидено да почне околу 15 септември.
– Бирото за развој на образованието, пред крајот на минатата учебна година направи Упатство за оценување на учениците. Практичарите не беа задоволни од него, па затоа ќе претрпи измени моделот на оценување. Кога ќе треба да има тестирање, тоа ќе се спроведе во училиште со физичко присуство. По претходен план и најава децата бидат повикани во училница каде што ќе бидат групирани во мали групи од по неколку деца и ќе бидат тестирани. Наставниците ќе ги надгледуваат. Ова ќе овозможи тие посериозно да си ги сфатат обврската и оценките – информира заменик-министерката за образование.

Оценувањето и понатаму ќе биде сумативно и формативно. Ќе се следи целокупниот ангажман на ученикот во текот на учебната година, како и досега, па врз основа на тоа ќе се формира оценката. Учениците ќе добиваат наставни ливчиња со задачи и прашања, за да им се проверуваат знаењата. Исто така ќе имаат тестови и писмени работи, исто како и до минатата учебна година.
– Појавувањето на училиште за тест ќе се случува за тримесечје, за полугодие и за крајот на учебна година, за да се формираат оценките – вели Наумовска.
Професорот Кирил Барбареев од Факултетот за образовни науки во Штип, пред извесно време предупреди дека онлајн наставата бара да се приспособи сосема нов систем на оценување.

– Оценувањето е цела посебна наука. Ако наставата е онлајн, тоа мора да се трансформира. Не сум убеден дека оценката треба да биде клучната поента во еден образовен систем и сметам дека оценувањето не треба да биде вакво какво што е кај нас. При онлајн настава процесот на оценување бара еден сосема поинаков концепт на дебати, расправи. Овде не може да се оцени во вакви услови, многу е тешко да се стави оценка, поточно да се стави вистинска оценка. Трансформација на процесот на оценување е потребна, а треба да ја направи цел тим, потребен е нов концепт на оценување – рече Барбареев.

Министерството за образование и наука, заедно со вработените од Државниот испитен центар и од Бирото за развој на образованието, е предвидено во следниот период да дава свои стручни мислења и совети за наставниците. Ним ќе им бидат давани и насоки за организацијата на часот. Исто така ќе има и обуки за наставниците за онлајн настава.
Одлуката да им се даде избор на родителите на децата од прво до трето одделение да избираат дали децата ќе одат на училиште или ќе учат од дома, следува по стотиците реакции на родители на социјалните мрежи, кои стравувајќи за здравјето на нивните деца бараа да им се даде можност да изберат.