Јован Митрески по повод четири години од 27 април

Координаторот на пратеничката група на СДСМ и коалицијата, Јован Митрески, по повод 4 години од 27 април, истакна дека мора да има одговорност и за организаторите на крвавиот четврток.

– Денес, четири години од денот кога ова Собрание, храмот на демократијата, беше претворено во крваво бојно поле за одбрана на ВМРО-ДПМНЕ и Никола Груевски. Вооружени насилници, посегнаа по животите на пратеници, на новинари, посегнаа по уставниот поредок, по демократијата и волјата на граѓаните, а државата ја днесоа на раб на граѓанска војна – рече Митрески.

Како што истакна насилниците не се и никогаш нема да бидат уставобранители, како што денеска ги нарекува Христијан Мицкоски.

– Од држава на раб на граѓанска војна, денес сме држава членка на НАТО со трајно обезбедена сигурност. Од држава во која човековите права и слободи беа системски погазувани денеска сме држава каде демократијата, правата и слободите секојдневно се унапредуваат. Од поделена, изолирана држава, денес сме држава на едно општество, држава партнер и сојузник на демократскиот свет. Денес, Собранието повторно е храм на демократијата и поле на размена на идеи и аргументи – додаде Митрески.