Фото: Игор Бансколиев

Одбележувањето на 25-годишнината од постоењето на Хелсиншкиот комитет за човекови права е одличен повод за анализа што е направено досега на тој план и каде е нашата држава во споредба со Европа

Македонија во изминативе речиси 30 години самостојност полека напредува во заштитата на човековите права, но лошото судство, неефикасната јавна администрација, како и немањето соодветни контролни механизми го забавуваат целиот процес.
Низ годините постојано беше алармирано за кршењето на човековите права во различни сфери, кршење на социјалните права, правото на работен однос, постојани жалби од работењето на судството, јавната администрација, поплаки за односот на полицијата, како и за состојбата во затворите.
Ваквите констатации се забележани речиси во секој извештај за напредокот на земјава кон ЕУ, подготвен од Европската комисија, а притоа прстот постојано беше вперуван кон лошото судство и потребата од итни реформи.

– Постои напредок и тој главно се должи на унапредувањето на законската регулатива, но во исто време сè уште постои стагнација кога станува збор за нејзината имплементација. Имено, граѓаните сè уште се соочуваат со селективна правда, одолжувања на судските постапки што резултира со чувство на правна несигурност, имајќи предвид дека правосудството е столбот на заштитата на човековите права во една земја – вели Уранија Пировска, извршна директорка на Хелсиншкиот комитет за човекови права.

Според неа, јавната администрација сè уште пројавува ниска свест за својата улога, што од друга страна резултира со зголемен број претставки во канцеларијата на Хелсиншкиот комитет.

– Она што претставува чекор напред е донесувањето на Законот за спречување и заштита од дискриминација, ратификацијата на Истанбулската конвенција и измените на Законот за спречување бременост, сите според препораките на граѓанскиот сектор. Секако, останува да се види колку државата ефективно и квалитетно ќе ги спроведува, особено кога станува збор за Законот за спречување и заштита од дискриминација, односно изборот на новите членови на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација – посочува Пировска.
Таа уште додава дека кога станува збор за маргинализираните групи, особено ЛГБТИ-заедницата, која беше предмет на низа напади, напредок претставува одржувањето на првата парада на гордоста и особено фактот дека помина без какви било инциденти и со огромна поддршка од граѓаните и од власта.

– Сепак, останува фактот дека поради сите политички процеси и политички кризи, реформите во голема мера заостануваат во реализацијата, а тоа секако ќе влијае на квалитетот на заштитата на човековите права – истакнува извршната директорка на Хелсиншкиот комитет.

Професорката и активистка за заштита на човековите права, Мирјана Најчевска, смета дека во изминатите речиси 30 години е разбудена свеста кај граѓаните.
– Она најважно што се случи во изминативе речиси 30 години е што луѓето станаа свесни за концептот на човековите права, почна да се зборува за човековите права, а понекогаш на заштитата на човековите права се повикуваа и оние што грешеа. Важно е што целата работа стана процес на интерес – вели Најчевска.

Според неа, кај нас овој процес се одвивал доста бавно, но дека полека се бележи напредок.

– Кај нас овој процес одеше мошне бавно. Први за заштитата на човековите права се заинтересираа невладините организации, потоа и медиумите, а сега нема политичка партија што во своите програми не зборува за заштитата на човековите права. Тоа е првиот чекор што е направен, односно издигање на свеста. Сега треба нешто и практично да се работи, што секако е потешко, но се отвораат одредени простори и за такво дејствување – појаснува Најчевска.

Споредувајќи до каде е Македонија во однос на Европа околу заштитата на човековите права, професорката го истакнува исклучително ниското ниво на правна заштита на граѓаните во земјава.

– Она што нè разликува од Европа е тоа што сме на ниско ниво во делот на правната заштита. Нашите судии немаат таков капацитет да се справат со случаите каде што се повредени човековите права, а не постојат ниту контролни механизми преку кои треба да се утврди дали се нарушени нечии права или не – вели Најчевска.

Останува констатацијата дека состојбите се мрднати од мртва точка, но дека она што сега преостанува е да се воспостави соодветен правен третман и механизми, кои навреме ќе ги препознаваат случаите во кои се прекршени човековите права. Кога ќе бидат воспоставени таквите практики, тогаш и човековите права во земјава ќе бидат подигнати на едно повисоко ниво, блиско до европското.

Фото: Игор Бансколиев