Фото: Маја Јаневска-Илиева

Неразумните барања за пописот се само дополнителен индикатор на тврдењето дека во една држава во која мнозински народ е македонскиот, вештачки ќе се креираат други државотворни етнички заедници само да се разбие врската меѓу македонскиот народ и неговата држава, со што и Македонија ќе се претвори во ентитетска компилација, во која „македонизмот“ и врската на Македонецот со својата единствена матична држава полека ќе слабеат и ќе исчезнуваат

Пописот да не биде параван за радикализмот и шовинизмот на екстремистички структури во и надвор од Македонија

Последното барање од културниот центар „Иван Михајлов“ од Битола за добивање бугарско државјанство по скратена постапка за секој граѓанин на Македонија, кој со фотокопија од пополнетиот формулар на пописот ќе докаже дека се осмелил да се регистрира како „македонски Бугарин“, само потврдува дека етничката припадност ќе се користи како главна алатка на претстојниот попис, со кој Македонија ќе се дефинира како држава на повеќе етнички заедници, од кои и некои неавтохтони.

Илузорни барања за пописот со проѕирна заднина

Гореспоменатото е само дополнителна потврда дека во една држава во која мнозински народ е македонскиот, вештачки ќе се создаваат други носечки, државотворни етнички заедници само да се разбие врската меѓу македонскиот народ и неговата држава, со што и Македонија ќе се претвори во ентитетска компилација, во која „македонизмот“ и врската на Македонецот со својата единствена матична држава полека ќе слабеат и ќе исчезнуваат.
Во истиот контекст, за издвојување е дека повеќето етнички заедници во земјава имаат свои матични држави, така што инсистирањето за внесување на етничката припадност во личните карти и можноста во рамките на претстојниот попис други лица да даваат податоци за етничка припадност на граѓаните што не се присутни во земјава и со тоа вештачки да ја зголемуваат нивната бројка, се само потврда дека главната цел е да се истакне одредена етничка процентуална застапеност, која подоцна ќе води кон барање за поблиски врски со матичните земји, но и нивно мешање во внатрешните работи на земјава.
Кога веќе албанската етничка заедница уште пред почетокот на пописот почна да лицитира со процентот колку се во државата, сега одеднаш и Бугарија почна да го користи пописот како добра можност да регрутира нова бугарска етничка заедница во земјава. Бугарскиот претседател Румен Радев во своите амбициозни радикални изјави лицитира со бројка од 100 илјади Бугари во нашата држава, недвосмислено покажувајќи ги хегемонистичките стремежи, но и копнеж за предизвикување сериозен земјотрес во етничкиот распоред на силите во Македонија и за целосно редефинирање на државата.

Илузиите на бугарскиот претседател

– Повеќе од сто илјади граѓани на Македонија имаат бугарско државјанство, стекнато врз основа на слободна волја и документарно потврдување на нивното бугарско етничко потекло. Илјадници други се во процес на разгледување на нивните апликации за бугарско државјанство. Бугарите во Република Македонија мора да имаат еднакви права со оние на другите граѓани на земјата, во согласност со највисоките светски и европски стандарди. Овој основен принцип на демократија е вграден во духот на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка меѓу двете земји од 2017 година – вели бугарскиот претседател Румен Радев.
Од тие причини повторно се наметнува дилемата како да се организира попис што ќе биде статистичка операција во согласност со европските критериуми, наместо математички да се задоволуваат амбициозните нерационални барања на одредени етнички заедници или на некакви странски конзулати зад чии намери се кријат некакви поинакви цели.

– За жал, пописот, како и изјаснувањето за етничка припадност, одамна се користи (и злоупотребува) и за други цели, па за очекување е дека и овој пат ќе биде така (и со оглед на предлогот за лични карти, а еве и со овој на битолското здружение за бугарски пасоши). И за жал, тоа уште еднаш ја нагласува неспособноста на досегашните владејачки партии во Македонија, да работат за добросостојба на граѓаните на државата и зголемување на нивниот стандард, по што ваквите теми би биле ирелевантни – вели Александар Кржаловски, прв извршен директор на Македонскиот центар за меѓународна соработка.
Според него, сиромаштијата на македонските граѓани може да ги принуди да се решат на ваков чекор и да се изјаснат како Бугари, за полесно да дојдат до бугарски пасош.
– Секој поединец, кога веќе е доведен пред егзистенцијален избор, може да се одлучи и за некој ваков чекор (изјаснување на попис како етнички Бугарин), со надеж дека (евентуално или полесно) ќе дојде до бугарски пасош (како, нели, осумдесетина илјади наши сограѓани што веќе го добиле), веројатно пред сè како можност за решавање на нивното егзистенцијално прашање и потенцијална работа во Европска Унија – појаснува Кржаловски.
Тој додава дека таквото изјаснување ќе има ефекти и на меѓуетничките односи и пошироко, а ќе се одрази и врз спорот со Бугарија.
– Лично го поддржувам предлогот да се овозможи избор на етничка припадност Бугарин на пописот, на принцип на реципроцитет, односно да има и ставка Македонец на пописот во Бугарија – порачува Кржаловски.

Има решенија, само треба да се сака да се дојде до нив

Според првиот извршен директор на Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС), Александар Кржаловски, по распадот на Југославија, етничката (или верска) припадност детерминира премногу работи, не само кај нас, туку во повеќето или сите балкански држави и, поврзано со нискиот стандард, се издигнува на ниво на важно прашање.
– Едно од можните (побрзи) решенија е германскиот модел – да не може да се имаат истовремено две државјанства (а со тоа и пасоши), па така секој подобро ќе размисли дали ќе се изјасни за едно или друго (кога ќе има и што да загуби, наместо само да добие плус бенефиции со двојно државјанство). Секако, уште подобро би било да има унифициран пристап и на пописите, кои и така се прават главно истовремено, па притоа да се утврдат и точниот број на лицата во една држава и нивната етничка и друга припадност, без можност да се евидентираат и во други држави – појаснува Кржаловски.
Од Државниот завод за статистика не оспоруваат кој како ќе се изјаснува на претстојниот попис, но додаваат дека никој нема да добие копија од пописниот лист.
– Бугарите во Македонија на претстојниот попис можат слободно да ја изразат својата бугарска етничка припадност и во тоа нема никој да ги спречи, но нема да добијат фотокопија од пописната листа затоа што тоа е законски забрането – велат од ДЗС.
Инаку, токму копијата од пописниот лист беше наведувана како услов за забрзано добивање бугарски пасош за македонските граѓани што ќе се декларираат како Бугари на претстојниот попис.