Фото: Архива

Досегашната практика на вработување според етнички клуч се покажа како голема кочница за развојот и напредокот на државата. Секаде во светот клучен услов и критериум при вработувањата се знаењето, професионалноста, квалитетот, компетенциите и конкурентноста на кандидатите и тоа треба да важи и кај нас

КРИТЕРИУМИ ЗА ВРАБОТУВАЊЕ ВО ФУНКЦИЈА НА РАЗВОЈОТ, А НЕ ЗА НАЗАДУВАЊЕ

Вработувањето по етнички клуч, кое се практикува со години, претставува сериозна пречка за напредок и развој на државата. Наместо клучен услов и критериум при вработувањата да бидат знаењето, квалитетот, компетенциите и конкурентноста на кандидатите, во практика се наметнува друг квазикритериум, како што е припадноста кон одредена етничка заедница. Токму околу ова прашање Македонија добива чести критики и предупредувања од домашни и од меѓународни организации.
Неодамна и Антикорупциската комисија препорача институциите да го повлечат од употреба системот за етнички клуч при вработувањето. Оттаму нагласуваат дека со цел да се стигне до одредено работно место се оди дури и во друга крајност, при што некои од кандидатите ја менуваат и својата националност.
Според претседателката на комисијата, Билјана Ивановска, во оваа институција пристигнале голем број поплаки за случаи каде што кандидатите за да добијат работа во јавна институција ја промениле својата националност за да ги исполнат условите што ги бара системот.
Ивановска спомена и конкретен случај каде што е констатирано дека во Агенцијата за вработување кандидат Македонец бил ангажиран затоа што се изјаснил како Албанец.
Во меѓувреме, универзитетските професори и политичките аналитичари со кои се консултиравме велат дека етничкиот клуч е алатка што ја ослабува професионалноста на државните институции. Според нив, таа гради поделено општество, во која одреден идентитет станува доминантно важен за некој човек да оствари одреден вид егзистенцијални права.

Тие додаваат дека ако сакаме да имаме модерна и способна државна администрација, тогаш треба да ги намалиме злоупотребите во државните механизми.
Професорот по уставно право Борче Давитковски вели дека вработувањата по таканаречениот етнички клуч имаа логика единствено при применувањето на рамковниот договор, но првично и единствено во јавниот сектор, односно во деловите на државната администрација каде што на помалите заедници што живеат во државата би им се овозможиле практикувања на нивните права во државните институции – вели професорот.
Тој тврди дека етничкиот клуч во исто време и се злоупотребува од партиите од оваа влада, но и од сите влади претходно.
– На контингенти по 500 по 1.000 лица се вработуваат чисто бидејќи исполнуваат одредена партиска агенда, а во тој процес буквално не се почитува ништо од законот. Ние, за жал, не можеме да го укинеме етничкиот клуч бидејќи сето тоа е впишано во Уставот и е прелеано во законите. Но она што може да се направи е да се воведе систем што би ги спречил поединците или партиите да го злоупотребуваат етничкиот клуч. Овој постулат е добар ако тој ги опфаќа сите етнички заедници во земјата за да бидат правично застапени во институциите, но, за жал, во практиката тој најмногу се применува за Албанците, а за сите други не се води доволна грижа – вели професорот.
Тој додава дека суштината на етничкиот клуч не е да се избрише професионалноста како предуслов за работа во администрација, туку да се даде можност само во одредени услови да имаат предност кандидатите од помалите заедници, кои не се соодветно застапени во некое министерство или некоја државна институција.
– За жал, кај нас како и за сите закони правилата не важат во пракса и тие очигледно многу се злоупотребуваат и токму поради тоа ние денес ја имаме состојбата што ја имаме по овие прашања – вели професорот.

Политичкиот аналитичар Милан Стефаноски истакнува дека она што го забележала Антикорупциската комисија е факт што вели дека во Македонија
наместо да градиме општество на индивидуи што имаат различни идентитети и што правично учествуваат во раководењето на државата, ние вака со фаворизирање на етничката припадност наместо професионалните квалитети ја поттикнуваме дискриминацијата врз кадрите што се квалитетни.
– Овие квалитетни кадри потоа си заминуваат од земјата, а државата ја водат само „етничките“ и „политичките“ кадри и на овој начин ем добиваме послаб квалитет на државни услуги за граѓаните ем ние, всушност, градиме поделено општество, во кое одреден идентитет станува доминантно важен за некој човек да оствари одреден вид егзистенцијални права. Тоа е недозволиво во граѓанското општество – вели Стефаноски.

[email protected]