Фото: Маја Јаневска-Илиева

Со заканувачката реторика, Села ги разбуди духовите за остра етничка поделба на македонското општество. Поединци и политички кругови од албанскиот кампус постојано го рециклираат ваквиот став и го ставаат македонското општество да живее под стрес и закани. Политичките хроничари и аналитичари ваквите поединци и групи дури ги изедначуваат како „политичко крило на радикално-милитантни организации“.
Иако изговорени во жарот на изборната кампања (кога политичарите, како што истакнуваат политичките аналитичари, веруваат дека можат сѐ да кажат „без обврска“), сепак ваквата изјава на лидерот на Алијансата за Албанците, ставена во контекст на поновата македонска историја и периодот за време на воените судири, рамковниот договор и неговото имплементирање, создаде амбиент за отварање низа прашања

Алијансата за Албанците ги разбуди сеништата на сепаратизмот и шовинизмот

Според изјавите што „спонтано“ ги кажуваат политичарите на јавните собири, односно ветувања без соодветна поткрепа и рокови, може да се заклучи дека изборната кампања во Македонија полека го достигнува својот т.н. врв. Презентирајќи ги своите ветувања од изборните програми, најчесто преку лукративно-прагматични завети за гласачите, лидерите на партиите и носителите на изборните листи речиси по правило прават „лупинг“ и преминуваат во „директен контранапад“ на некоја изјава на политичките ривали.

Во таков идентичен стил, лидерот на Алијансата за Албанците, Зијадин Села, од митинг во Струга, гневно избувна во врска со можноста за постизборна коалиција на македонските партии СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, за наводно да ја избегнат воспоставената практика за коалиција со некој албански политички субјект, заканувајќи се со воспоставување паралелен државен систем.
– Дали сте свесни дека со ова, кога сте исклучени од системот, имате право да го бојкотирате системот? И кога го бојкотирате системот, имате право да направите паралелен систем. Ако сакате да направите македонска влада, верувам дека Албанците ќе направат албанска влада, немајте дилема – изјави Села, порачувајќи му на лидерот на СДСМ, Зоран Заев, дека ако планира мнозинство само со македонски партии, Албанците ќе формираат влада со албанските политички партии.

Со таквата заканувачка реторика, Села ги разбуди духовите за активирање остра етничка поделба на македонското општество, која постојано живее под закана од страна на некои поединци и политички кругови од албанскиот кампус, кои политичките аналитичари дури и ги изедначуваат како „политичко крило на радикално-милитантни организации“.
Иако изговорени во жарот на изборната кампања (кога политичарите, како што истакнуваат политичките аналитичари, веруваат дека можат сѐ да кажат „без обврска“), сепак ваквата изјава на лидерот на Алијансата за Албанците, ставена во контекст на поновата македонска историја и периодот за време на воените судири, рамковниот договор и неговото имплементирање, создаде амбиент за прашањето: Порака ли испраќа Села или, пак, закана? Ја става ли во заложништво евроатлантската иднина на нашата држава? Можеби е во прашање некаква цел за менувањето на карактерот на уредувањето на државава, па саботирањето на системот е можност за нови преговори под закани и уцени? Има ли овој искажан став на јавната сцена подолгорочна тежина, или е само изборно поентирање?!

Речиси триесетгодишната реалност во Македонија на коалицирање со албанските етнички партии и дијаметрално спротивставените идеолошки позиции на најголемите македонски партии не му одат во прилог на „стравот“ на Села, но затоа оставаат простор за сомневање во намерите на албанскиот политички блок.
– Во оваа изборна кампања се создава впечаток како албанските партии да работат оркестрирано во функција на нешто друго, односно во насока на поставување на правните позиции за создавање бинационална држава. Како да чувствуваат дека сега е оној момент кога се позиционираат правните нишани за бинационализмот. Длабочината на таквата уцена, очигледно, ќе се манифестира постојано на македонската политичка сцена. Ова сега се првични појави на таквиот екстремизам, кој настојува да добие правна рамка за бинационална држава – вели универзитетскиот професор Илија Ацески.

Изјавата на лидерот на Алијансата за Албанците, секако мотивирана од изборните шпекулации за можноста за коалиција на македонските партии, со исклучување на албанскиот политички фактор, ги отвора размислувањата за реалноста за реализирање на таквата опција.
– Коалицирањето со малцинска, или да кажеме албанска партија, не е задолжителна, уставна категорија во Македонија, но како своевидно непишано правило функционира од 1992-1993 година. Без исклучок, од тогаш во секоја влада имало албански коалициски партнер, дури и кога СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ имале повеќе од 61 пратеник. Така што сметам дека е тешко изводлива варијантата на исклучување коалициски партнер од албанските партии. Тоа нема да го дозволат ниту нашето општество ниту меѓународните партнери, зашто тоа значи дека државата и општеството би тргнале во сосема друга, непосакувана насока од ниту еден одговорен политички фактор.

Но, секако, политичарите треба да бидат повнимателни во своите изјави и во предизборната кампања, зашто екстремните ставови можеби ќе донесат одреден квантум на гласови, но ќе однесат поголем квантум. Ако се добиваа гласови со екстремни ставови, ќе имаше повеќе такви партии. Сите такви екстремно позиционирани партии многу брзо се маргинализираат во политичкиот амбиент – вели политичкиот аналитичар Алберт Муслиу.
Свое размислување за провокативната изјава на Села дава и Јове Кекеновски.
– Не треба лесно да се премине преку оваа изјава на лидерот на Алијансата за Албанците, зашто ја покажува сериозноста на тенденциите на сите албански партии во Македонија – федерализација на државата. Во правна држава, секој што би упатил вакви пораки (макар и во изборна кампања) би бил барем процесиран во постапка од јавен обвинител за нарушување на уставниот поредок.

Но сите непринципиелни, неуставни, незаконски, неправни отстапки што ги правеа партиите на власт спрема албанските коалициски партнери, кои дури го надминуваа и рамковниот договор и, секако, го осквернавија Уставот, не доведоа во ваква ситуација, да бидеме уценувани. Села мора да научи дека во ниту една држава, со ниту еден устав не се наметнува задолжително учество во власта на малцинствата. Тоа го прават граѓаните преку избори и мнозинството што ќе добие легитимитет. Вакви, веќе слушнати флоскули, не смеат да останат политички и правно несанкционирани, со оглед на тоа дека укажуваат на сецесионистички тенденции – вели г. Јове Кекеновски, нагласувајќи дека зборува во својство на интелектуалец и професор, а не како лидер на партијата ФРОДЕМ.