Фото: Маја Јаневска-Илиева

Бугарскиот државен врв, на итна седница посветена на Македонија, излезе со заклучок дека нема безусловно да го поддржи патот на Македонија кон ЕУ и за таа цел има на располагање 71 инструмент во преговорите по поглавјата. Што мислат домашните историчари, аналитичари и политичари за ваквите пораки од Софија

Македонија вчера се најде на дневен ред кај бугарскиот државен врв, кој педантно испрати недвосмислени пораки дека може да нѐ блокира на нашиот пат кон ЕУ секогаш кога нешто нема да биде по волја на Софија. Со други зборови, изгледа „ороводецот“ за блокирање на Македонија на евроатлантскиот пат само се замени. Имено, ако до скоро тоа беше Грција, сега таа улога полека ја презема Бугарија. Пораките што следуваа по итната консултативна седница, која ја свика бугарскиот претседател Румен Радев, прозвучија многу повеќе како политички ултиматуми отколку како некаков импулс за решавање спорни прашања заради постигнување на целите од договорот за добрососедство.

Бугарскиот премиер Бојко Борисов, по средбата на која присуствуваа и вицепремиерката и шефица на дипломатијата Екатерина Захариева и министерот за одбрана Красимир Каракачанов, изјави дека Македонија може да смета на Бугарија за ЕУ, но дека Софија никогаш не кажала дека безусловно ќе го поддржи македонскиот прием.

– Иднината на Северна Македонија е во ЕУ и тие не треба да си играат со таа шанса. До вчера велевме дека сме братски народи, нека не продолжува братоубиствената војна од пропагандата во Скопје зашто ние поблизок народ и луѓе немаме. Да ја запреме Северна Македонија на патот кон ЕУ, тоа ќе биде запишано во историјата дека сите 27 земји ги поддржале, а само Бугарија ги запрела. Ние сакаме и Албанија да оди заедно со Северна Македонија. Но никогаш не сме кажале дека безусловно го поддржуваме влезот во ЕУ. Имаме на располагање 71 инструмент во преговорите по поглавјата – рече Борисов.
Претседателот Радев по состанокот подвлече дека е важно да се исцртаат и т.н. црвени линии, кои треба да гарантираат дека европската интеграција на Македонија нема да биде на сметка на употребата на бугарската историја, јазик и идентитет како некаква монета за поткусурување.

За домашните историчари, политичари и аналитичари нема дилема дека токму аномалиите и пропустите во договорот за добрососедство и нашата попустливост може да придонесат Софија да стане нов блокатор на земјата кон Европа како што во минатото тоа беше Атина.
Експертите со кои се консултиравме, во сублимиран заклучок, констатираат дека договорот со Софија е нов политички лавиринт со многу аномалии, кој многу тешко може да се одгатне и постои реална можност неговото решавање да трае со години и многу долго.
Историчарот Тодор Чепреганов вели дека од самиот почеток договорот за добрососедство беше поставен на погрешни основи.

– Во самиот документ внатре има еден куп работи, кои од историска гледна точка можат да се окарактеризираат како уценување врз македонската страна. Првата грешка е формирање историски комисии, затоа што преку нивното дејствување сме ставени во позиција да најдеме компромис за одредени работи, кои не би требало да се прават. Секој народ си има своја историја, која не може да ја дели со други народи. Ако нешто се наоѓа во нашата колективна меморија тогаш тоа му припаѓа на македонскиот народ – вели професорот.
Тој истакнува дека на ваков начин во иднина ќе се покаже дека Бугарите ќе имаат потешки услови врз Македонија отколку Грците со Преспанскиот договор, а доказ за сево ова е последната средба на бугарскиот државен врв во Софија.
– Во ваквата поставеност на работите е нормално да се очекува дека Бугарите ќе нѐ уценуваат, а притоа ние прифаќаме со договорот да разговараме за колективна меморија и да се ценкаме и да играме покер со одредни настани и години дали прекројуваме историски факти дали се наши или нивни. Сето е само сопствено девалвирање на нашата историја, под политичко влијание – вели професорот.

Слично размислува и историчарката Наташа Котлар, која вели дека како историчар може да заклучи дека самиот договор е проблематичен бидејќи делови од него се многу неконкретни и недефинирани на штета на македонската страна. Таа смета дека политичарите не можат со договор да влијаат врз наука и научна дисциплина.
Според неа, во моментов ние имаме ситуација во која политиката ја притиска науката таа да даде подлога за исполнување одредени интереси на политички елити.
– Јас во тој правец велам дека различни елементи (политика и наука) во различни множества не се мешаат бидејќи на тој начин ќе се измешаат и бабите и жабите – вели Котлар.

Таа истакнува дека и по потпишувањето на договорот, но и сега, си останува верна на својата стручна научна преокупација и тврди дека политиката не смее да влијае врз науката бидејќи тоа е лошо, а во историјата сме биле сведоци на слични вакви процеси како догматизмот и инквизицијата.
Во аналитички фељтон, кој се потпира на голем број научни докази и факти, професорот Гале Галев пишува дека ако се погледне договорот за добрососедство ќе се забележи дека тој овозможува бугарската, посилна страна, (преку премиерот), да влијае врз другата, послабата страна (во случајот, македонската), буквално, па дури и целосно да ја исклучи, во поглед на донесувањето на крајната одлука во однос на разгледуваните прашања од историската комисијата.


Заев: Фактите и вистината се јасни

Македонскиот премиер Зоран Заев, одговарајќи на новинарско прашање, ги коментираше овие изјави од Бугарија.
– Можно е брзо да се најде решение на отворените прашања со Бугарија. Ние потпишавме договор во кој прифативме дека имаме заедничка историја, а секако дел од историјата ни е посебна на двете земји, и во тој дух јас верувам дека комисиите ќе најдат решение. Комисијата е стручна и е направена за да ги дефинира работите. Нашите укажувања се да преземат храбри чекори, чекори засновани на фактите и на вистината, фактите и вистината се јасни и апелираме да се најде решение и верувам дека не е доволно само нашата страна да има волја за тоа треба и страната од Бугарија – рече Заев.

[email protected]