Фото: Архива

Во очекување да биде презентирана содржината на законот за т.н. амнестија за обвинетите од 27 април, кој го има подготвено независната пратеничка група од осумтемина пратеници на ВМРО-ДПМНЕ, единствен конкретен резултат од првата седница (одржана зад затворени врати, без присуство на јавноста) е тоа што е одлучено во координативното тело за помирување да функционираат три подгрупи и истото тоа да се вика координативно тело за реформи, помирување и интеграција

Очекувањата од првата седница на собраниското координативно тело за помирување и интеграција во смисла дека по неа на јавноста ќе ѝ биде претставена барем нацрт-верзијата на законот за помирување за настаните во Собранието од 27 април минатата година, доживеаја уште едно „процедурално“ одложување. Наместо да биде презентирана содржината на законот за т.н. амнестија за обвинетите од 27 април, кој го има подготвено независната пратеничка група од осумтемина пратеници на ВМРО-ДПМНЕ што беа исклучени од партијата, единствен конкретен резултат од првата седница (одржана зад затворени врати, без присуство на јавноста) е тоа што е одлучено во координативното тело за помирување да функционираат три подгрупи. Едната група на координативното тело ќе биде задолжена за реформи, другата за помирување и третата за интеграција.
Една од копретседателките на координативното тело, Фросина Ременски, која е и потпретседателка на Собранието, по состанокот, информира дека на првиот состанок всушност била утврдена динамиката за работа во интерес на процесите и воспоставање соработка.

– Ние се согласивме дека основни начела на кои се заснова нашата работа се реформа, интеграција, помирување и простување. На денешната седница се согласивме да формираме три подгрупи за реформата, интеграцијата и помирувањето. Интеграцијата се однесува на уставните измени за членство во ЕУ и во НАТО. Втората подгрупа е за поширок план на помирување и ќе работи на решенија поврзани со настаните за 27 април. Ќе има долгорочен план. Ова е чин на консензус меѓу одговорни пратеници што сметаат дека без соработка за темите што нè делат не можеме да одиме во реформи и интеграција. Третата подгрупа ќе биде за реформски процес по ЕУ-агенда. Тоа ќе го овозможиме преку инклузивен процес и носење одлуки за реформи и двотретински закони да се градат преку консензус. Сите овие процеси се врзани и детерминарни и ќе одат во еден здив и пријатна атмосфера – рече Ременски.
Сепак, главниот интерес на јавноста за резултатите од состанокот на координативното тело за помирување беше насочен кон конкретната содржина на предлог-законот за амнестија, за кој во текот на изминатите денови беа пласирани информации дека главната поента се темели на некаква селективна амнестија. Односно, неофицијалните сознанија говореа за предлог за целосна амнестија на индиректните учесници во немирите во Собранието на 27 април, минатата година и преквалификација на обвинението на другите обвинети. Ваквите гласини за предлог-законот предизвикаа критики во правната јавност дека природата на амнестијата, како правна мерка, не познава селективност и ги отворија прашањата како таквиот закон ќе се примени во судските постапки за обвиненијата за тој настан, кои веќе се во тек, како и на кој начин ќе се врши процена на степенот на вината… Постојат сериозни индикации дека со ваквиот закон правото ќе биде ставено во функција на политиката и ќе биде нарушена независноста на правосудниот систем.

– Не му кажуваме на судството како да ја мери вината, но може да му укажеме да има фер судење и внимателен пристап за настаните од 27 април. Ова тело нема намера да биде над обвинителството и над судовите. Наша идеја е да разгледаме можност за сугестии и предлози за кои ќе се консултираме со експерти – изјави копретседателката на координативното тело за помирување и интеграција Фросина Ременски.
Координативното тело за помирување и интеграција беше формирано по барање на осумте пратеници од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, кои го поставија како услов за нивната поддршка во гласањето за почнување на уставните измени на 19 октомври, со што беше обезбедено потребното двотретинско парламентарно мнозинство за започнување на имплементацијата на договорот со Грција.

– Ние го дадовме нашиот влог на 19 октомври. Очекуваме процесите да добијат на динамика и да се почне со нивна имплементација. Ова се условени процеси, не се бланко-потписи, и затоа ги повикуваме сите учесници, а пред сѐ власта и премиерот Заев да почнат уште денеска со својот придонес кон забрзување на овој процес. Сепак, нѐ очекуваат процеси што нема да бидат лесни за сите, но ние како независни пратеници одлучивме дека треба да застанеме на таа страна на нашата држава и дека во оваа ситуација нема простор за импровизација – рече втората копретседателка на координативното тело Емилија Александрова, која е дел од независната пратеничка група што треба да го даде предлог-законот.

Меѓу другото таа потврди и дека не постои нацрт-закон и оти процесот во моментов е во фаза на изнесување предлози и сугестии за можни решенија во однос на амнестијата.

– Секое законско решение ќе произлезе од групите во делот на интеграција, реформи и помирување. Очекуваме да се забрза процесот, нема да бидат лесни процесите, но свесни за иднината на државата во оваа ситуација нема простор за импровизации – изјави Александрова.

Истовремено таа го повтори и ставот дека притворите не водат кон помирувањето.
Наредниот состанок на координативното тело е закажан в петок, а на него ќе биде поканет и премиерот Зоран Заев, да ги образложи своите гледишта. Заев веќе претходно изрази желба да учествува во работата на ова тело, за кое всушност тој ја даде првичната идеја.