Вкупно 542 пријави заклучно до 13 часот, денеска, доставени се преку веб апликацијата dijaspora.se​c.mk до Државната изборна комисија од граѓани за гласање во дипломатско-конзуларните претставништва на Република Македонија во странство. Најголем број од пријавите се пристигнати ос исленици во Велика Британија. 

Од нив, 473 пријави се прифатени, девет се одбиени, а останатите се во обработка. Најголем број пријави се поднесени за гласање во Лондон – 50, во Берн – 44, Торонто – 36, Виена – 31 и во Љубљана – 29.

Во однос на податоците од јавниот увид во избирачкиот список, од ДИК информираат дека заклучно со вчерашниот ден вкупно 821 граѓани извршиле јавен увид во подрачните одделенија и канцеларии на ДИК. Од нив, најголем број граѓани увид извршиле во Битола – 95, во Радовиш – 83 и Струмица – 78.

Граѓаните може да ги проверат своите податоци во Избирачкиот список за време на јавниот увид за есенскиот референдум што трае до 23 август. Од ДИК нагласуваат дека промените во Избирачкиот список граѓаните може да ги направат само со поднесување соодветна документација.