Единаесет земји-членки на НАТО досега го ратификуваа Протоколот за членство на Македонија во Алијансата. Вчера во еден ден парламентите на Полска и на Словачка го ратификуваа документот со кој земјава и официјално ќе стане 30-та полноправна членка на Алијансата.

Како што изјави во средата и словенечкиот амбасадор во земјава Милан Јазбец, досега не се случило ниту една земја да има толку многу ратификации на Протокол за пристапување во Алијансата за само еден месец и половина, како што тоа е случајот со нашата држава. За него, ова е најдобар момент за пристапување на Македонија во НАТО, бидејќи ова е симболична година, кога се одбележува 70 години постоење на Северноатлантската алијанса.

Прва држава што го ратификуваше Протоколот беше Грција, а по неа тоа го сторија и Словенија, Албанија, Бугарија, Хрватска, Црна Гора, Романија, Литванија, Данска и денеска Полска и Словачка.

Земјите-членки на НАТО на 6 февруари го потпишаа Протоколот за пристапување на Македонија во Алијансата. По ратификацијата на Протоколот во парламентите на сите 29 земји членки на Алијансата, Македонија и официјално ќе стане полноправна членка.

Американскиот државен секретар Мајк Помпео на гала вечерата во Вашингтон по повод одбележувањето 70 години од формирањето на Алијансата, рече дека Стејт департментот и официјално ги доставил до Сенатот на САД сите потребни документи за ратификација на Протоколот за членство на Република Македонија во НАТО.

– Оваа година се подготвуваме да ја примиме 30-тата земја, Македонија, и со задоволство можам да кажам дека минатата недела формално ги доставивме документите за ратификација на Протоколот во нашиот Сенат. Заедно, членовите на Алијансата ја подобруваат заедничката  одбрана. Го зајакнавме нашето присуство во регионите на Балтикот и Црното Море. Ја зголемуваме подготвеноста на нашите сили и ја подобруваме нашата отпорност кон хибридни и сајбер-закани од модерното време- истакна Помпео пред шефовите на дипломатиите на земјите сојузници во Алијансата кои се собрани во Вашингтон за да одбележат седум децении НАТО.

Прв пат, на дводневниот состанок на министрите за надворешни работи на земјите од НАТО официјално е поканета и Македонија како идна 30-та членка, претставена преку шефот на дипломатијата Никола Димитров.

И Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг во обраќањето пред американскиот Конгрес по повод 70 години од создавањето на Алијансата, истакна дека Македонија со поддршка од САД и другите земји сојузници наскоро ќе стане 30 членка на Северноатлансткиот воен сојуз.

– Република Северна Македонија годинава го потпиша Протоколот за пристапување и со ваша поддршка наскоро ќе стане 30 членка. Вратата на НАТО останува отворена. Она што започна во 1949 година со 12 членки, се покажа како моќна сила за мир, Алијанса во која другите се стремат да се приклучат. Тоа го покажува историскиот успех на НАТО- рече Столтенберг.

Сепак, како што наведе, успехот од минатото не е гаранција за успех во иднина, а пред НАТО се бројни предизвици.

– Треба да бидеме искрени, од двете страни на Атлантикот се поставуваат прашања за силата на нашето партнерство. Постојат разлики, ние сме сојуз на многу различни нации, со различна географија, историја и политички партии – републиканци и демократи, конзервативци и лабуристи, независни, зелени и многу други. Ова е демократија. Отворената дискусија и различните ставови не се знак на слабост, напротив, тоа е знак на сила. Затоа не треба да бидеме изненадени кога ќе видиме разлики меѓу нашите земји. Постојат несогласувања за прашања како што се трговијата, енергијата, климатските промени и иранскиот нуклеарен договор. Тоа се сериозни проблеми и сериозни несогласувања- рече Столтенберг.

Но, како што нагласи, силата на НАТО е дека и покрај разликите, сојузниците секогаш се обединувале околу основна задача – да се ​​бранат меѓусебно, да се заштитуваат еден со друг, и да ги заштитуваат своите граѓани.

– Во минатото ги надминавме нашите несогласувања, мораме да ги надминеме и сега, затоа што нашата Алијанса ќе ни биде уште попотребна во времето што доаѓа- порача Столтенберг во обраќањето пред Конгресот.

Во исто време, амбасадорот на Русија во ЕУ Владимир Чижов во интервју за „Известија“ оценува дека приклучувањето на Македонија во НАТО може да го дестабилизира целиот Балканскиот регион, а проширувањето на Алијансата да ја загрози европската безбедност.

Според Чижов, проширувањето на НАТО е обид за справување со предизвиците на 21 век, но со средства и механизми создадени во средината на 20 век.