Фото: Маја Јаневска-Илиева

Чии аргументи ќе натежнат – на мајките на породилно или на Министерството за труд и социјална политика

Надлежните не отстапуваат од последната одлука во согласност со која сите вработени мајки што беа на продолжено породилно отсуство, веќе од вчера имаат обврска да се вратат на работа. Со отворањето на градинките, како што велат надлежните во Министерството за труд и социјална политика, се губи смислата мајките да останат дома, во услови кога имаат можност да ги носат децата во градинка, а тие да работат на своите работни места. Незадоволни од ваквата одлука, мајките се обидуваа во повеќе наврати и на различни начини да го изразат своето несогласување со одлуката на Министерството за труд и социјална политика. Организирајќи се во група на социјалната мрежа Фејсбук, мајките двапати протестираа пред Владата искажувајќи го своето несогласување, но тоа не даде плод.

Засегнатите мајки бараат правна сигурност со предвидени решени сценарија за нивните можни реални проблеми

Дијана Петрова, претставничката на мајките на породилно отсуство, во името на засегнатата група граѓани изјави дека на родителите пред сѐ им е потребна правна сигурност.
– Нормално е дека секое дете ќе пројави некакви симптоми. А имено, симптомите на ковид-19 се многу слични со оние на сите сезонски грипови. Во таква ситуација, на пример, ќе ми се јават од градинката да си го земам детето. Истото тоа ќе го сторат и многу други мајки ако тоа се случи во градинката. Ваквата состојба би требало да се предвиди од страна на државата, односно институциите да најдат решение за мајките да бидат сигурни дека нема на работа да им кажат: „Нема потреба веќе да доаѓате на работа!“ Во уште поспецифична ситуација, времетраењето на седење дома на мајката кога детето ѝ е болно можеби ќе се зголеми, никој не може да знае. Што во тој случај?! Ваквите сценарија се можни и реални, но наедно не се предвидени од надлежните институции. Токму ова е едно од прашањата што треба да ги регулираат институциите, бидејќи ни е потребна правна сигурност, да се знае во која ситуација што ќе се преземе – рече Петрова.
Мајките велат дека за да си го запишат детето во градинка, им била побарана потврда дека се вработени, а таква потврда работодавците не им дале со оглед на фактот дека во моментот кога го барале документот, тие биле на породилно отсуство.

Проблем имаат мајките, но и институциите имаат проблем

Министерката Шахпаска отвори, пак, еден друг аспект на проблемот со кој се соочуваат институциите, односно градинките што на хартија се пополнети со деца, а реалноста е нешто сосема друго.
– Нашите информации не произлегуваат од групи на Фејсбук, туку од информации што ги добиваме од инспекторите на терен. Има деца што се запишани во градинка, а не одат. Во градинката „Росица“ во Ѓорче Петров има 79 запишани деца, а во градинка се присутни 39, а дополнителен интерес нема. Во „Пролет“ во Карпош се запишани 48, а одат 15. Апелирам до сите родители, кои очигледно имаат алтернатива за чување на децата, да ги отпишат од градинка и да ослободат место за оние што навистина имаат потреба. Испративме официјален допис до градинките во кој стои вработените да контактираат со сите родители што ги запишале децата а не ги носат. Ако не ги носат, треба да го отстапат местото – изјави Шахпаска.
Во градинките велат дека немало голем интерес за упис на нови деца откако беше соопштено дека мајките ќе мораат од 23 септември да се вратат на работа. Маја Ристовска, директорката на градинка „Росица“ во скопската општина Ѓорче Петров, го потврдува тоа.

– Немавме значителен интерес или јавувања од родители по најавата дека ќе мораат да се вратат на работа. Ние имаме уште триесетина слободни места, така што нема проблем во однос на тоа, а немаме проблем ни со недостиг од кадар или простор во нашите клонови. Имавме родители што кажаа дека ќе почнат да ги носат децата во градинка од почетокот на учебната година, за една недела – рече директорката.
Градинките во државата згрижуваат деца од 9 септември, по шестмесечна пауза поради пандемијата на ковид-19. Одлука за тоа дали ќе бидат затворени по појава на позитивен случај ќе се носи во зависност од епидемиолошката состојба и во согласност со процената на епидемиологот, кој ќе реши дали ќе се затвори цела група или цела градинка. Секоја градинка во државата, пред отворањето, имаше обврска да обезбеди маски и ракавици за воспитувачите и за негувателите и другиот кадар, а неопходно беше да има и доволно средства за одржување лична хигиена, средства за дезинфекција. При влез, на децата задолжително им се мери температура. Во текот на работниот ден се врши дезинфекција на просториите, подовите и на предметите. Занималните, според протоколот, мора често да се проветруваат. Како што објаснува директорката Ристовска, кога се носи храна за децата, се врши дезинфекција на возилата со кои се дистрибуира храната од главната кујна до другите објекти. Децата јадат во својата занимална, на масичките, кои се оддалечени на два метри растојание.

Отказите не се решение, надлежните да направат уште еден напор во интерес на оваа исклучително значајна група граѓани

„Јас сум среќно дете, мама даде отказ и не ме носи во градинка, ќе си се чуваме дома скромно, но среќно. Јас сум најважна од сѐ“, напишала една мајка, членка на групата „Мајки на трудничко“ на Фејсбук (која има над 5.200 членки), објавувајќи фотографија од својата ќеркичка, откако Владата донесе одлука да престане продолженото породилно отсуство за мајките. Под фотографијата се редеа коментари и фотографии од многу други мајки што донеле иста одлука, велејќи дека здравјето на нивните деца е најважно.
„Истото тоа го направив и јас, дадов отказ на работа. Кога знаеме како се мачиме за нив, секогаш го избираме најдоброто. Децата пред сѐ!“, се надоврзала друга мајка, која исто така објави фотографија од детето.