Фото: Игор Бансколиев

Набљудувачката мисија на ОБСЕ/ОДИХР беше поканета да ги следи локалните избори од страна на Владата. Имаме тим од 165 набљудувачи, од кои 126 краткорочни, кои се распоредени низ државата. Со повеќе од 100 набљудувачи можете да добиете статистички значајна анализа за спроведувањето на изборите. Ова ни овозможи да спроведеме систематско набљудување на изборните места, кое минатата година не беше возможно. И драго ни е што се вративме, истакна шефицата на мисијата на ОБСЕ/ОДИХР за набљудување на изборите во државава, Тана де Зулуета, во изјава за медиумите.

Таа се осврна и на користењето на уредите за биометриска идентификација на отпечаток од прст, кои првпат се употребуваат при гласањето во Македонија.

– Го следевме отворањето во 54 гласачки места. Ова е нова технологија и ние, исто како и гласачите следиме како се користи. Рано е за заклучоци, но ги забележуваме сите потешкотии, како и одзивот на гласачите. За нашата проценка треба да се почека до утре. Претпочитаме да не даваме коментари додека трае гласањето – нагласи Зулуета.

Меѓународните набљудувачи се придржуваат до општите мерки за заштита од ковид-19, но моментната ситуација не влијае врз нивната методологија.

– Ригорозно ги следиме упатствата на властите, истите кои се однесуваат и за вас. Се обидуваме да бидеме внимателни. Ова ни овозможи веќе еден месец да престојуваме во државава, без инфекции. Пандемијата влијае на нашата работа, но сакавме да се осигуриме дека коронавирусот нема да влијае врз нашата методологија. И не влијаеше – посочи шефицата на мисијата на ОБСЕ/ОДИХР.

Таа напомена и дека долгорочните набљудувачи стигнале во Македонија на 7 септември, додека краткорочните дошле в среда и ќе останат до пребројувањето на гласовите. Мисијата на ОБСЕ/ОДИХР ќе остане во државава и за вториот изборен круг доколку има потреба.