Фото: Дарко Андоновски

Претседателот на бугарскиот дел од мешаната експертска комисија, Ангел Димитров, најавува дека нивната комисија ќе даде препораки и за промени во музејските поставки во музеите во Македонија, особено во Музејот на револуционерната борба во Скопје, за чија поставка, како што вели, се неопходни сериозни промени.
Од македонското министерство за култура (во чија надлежност се музеите) се оградуваат од потребата да заземат став, оценувајќи го таквиот предлог на Димитров како политички

Иако во одреден застој поради недобивањето датум за почеток на преговорите за членство во ЕУ, спроведувањето на обврските преземени со (добро)соседските договори и понатаму за Македонија демнат како своевидна отворена закана. Имено, од работата и постигнатите договори во мешовитите експертски историско-образовни комисии со Бугарија и со Грција, зависи понатамошната поддршка на соседите на македонските евроинтегративни аспирации. Тоа во неколку наврати отворено е укажано и од бугарска, и од грчка страна, а Бугарија дури и во својот парламент усвои декларација, насловена „Рамковна позиција“, во која се истакнува дека нема да дозволат европската интеграција на Македонија да се случи на сметка на бугарското гледиште на, според нив – заедничката историја. Како континуитет на таквиот бугарски став се и изјавите на претседателот на бугарскиот дел од мешовитата експертска комисија, Ангел Димитров, дека нивната комисија ќе даде препораки и за промени во музејските поставки во музеите во Македонија.

– Успеавме да го видиме Музејот на револуционерната борба во Скопје, кој е далеку од научните стандарди и во чија поставка се неопходни сериозни промени. Кога и дали сите бугарски барања ќе бидат исполнети, зависи единствено од подготвеноста на Македонија да го следи патот на европските интеграции – изјавил Димитров во интервју за софискиот весник „24 часа“.

Доследен на бугарскиот став за условена поддршка на македонските евроинтеграции, Димитров потсетува дека примената на договорот за пријателство и добрососедство не може да чека.
– Одложувањето на поканата за членство во ЕУ е јасен сигнал дека неопходните реформи и отстранувањето на конфликтните проблеми со други држави, треба да се случат. Општества без храброст за вистината и без сили за промени се осудени на пропаст. Се надевам дека покрај Вардар сепак го разбираат тоа и дека ќе ја ценат поддршката што ја добиваат од Бугарија – нагласил Ангел Димитров.
Инаку, работата на мешовитата експертска македонско-бугарска комисија навлезе во своевиден ќор-сокак, по прашањето за националноста на македонскиот револуционер Гоце Делчев, за што нема поместување во разговорите веќе на неколку средби на комисијата. Непремостливите разлики во гледиштата за Гоце Делчев, ги ставиле на тест и некои други веќе навидум усогласени историски прашања, а новите препораки за промени во поставките во македонските музеи, личат на зголемување на притисокот од бугарска страна.

– За жал, членот 8 од договорот за добрососедство со Бугарија повлекува, т.е. остава простор и за вакви непристојни предлози од бугарска страна. Проблемите од историска природа со Бугарија не се од сега и се со долг век, но членот 8 од добрососедскиот договор ја отвори Пандорината кутија. А штом е отворена таа кутија, сѐ можеме да очекуваме од другата страна. Уште при потпишувањето на договорот укажував на неговата лоша содржина, особено на членот 8. И политички лаик повеќе би внимавал на содржината на таков важен политички договор. Влијанието на политиката го погази 75-годишното научно фундирање на историските факти за Македонија и македонизмот, истражувани и докажувани и од светски научници, од рангот на Владимир Мошин, Стјепан Антуљак не само на македонски. Ние требаше само да го усовршиме тоа што е поставено како историска научна основа, но наидовме на голема ароганција од политичката сфера спрема науката. Не може да се најде друг таков случај во Европа, па и во светот – вели историчарката Наташа Котлар.

Во однос на искажаниот предлог на претседателот на бугарскиот дел од мешовитата експертска комисија за интервенции во музејските поставки во музеите во Македонија, од македонското министерството за култура (во чија надлежност се музеите) се оградуваат од потребата да заземат став, оценувајќи го таквиот предлог како политички.