Виктор Орбан (лево) и Никола Груевски

Политичкиот азил за поранешниот македонски премиер Никола Груевски даден од Унгарија по неговото бегство од Македонија во 2018 година, е истакнат во извештајот „Унгарија, антимодел за успешна ЕУ-интеграција“ објавен од мрежата „ВБ2ЕУ“, кој треба да биде предупредување до кандидатите за членство во Европската Унија од Западен Балкан.

– Иако случајот на Груевски кој избега во Унгарија за да избегне затворска казна и доби политички азил во Унгарија во 2018 година, беше критикуван од одредени држави, тој не создаде пречки, ниту негативно влијаеше врз надворешните односи на државата – пишува во извештајот.

Груевски е посочен и како пример на развивањето на добри односи помеѓу унгарскиот премиер Виктор Орбан и политичките истомисленици во регионот.

– Преку воспоставување добри лични односи со одредени лидери во поширокиот регион, како што е српскиот претседател Александар Вучиќ, поранешниот македонски премиер Никола Груевдски и од неодамна словенечкиот премиер Јанез Јанша, Орбан се обидува да создаде мрежа на партнери – сметаат авторите.

Во извештајот се наведува и дека ЕУ треба јасно да нагласи оти државите од Западен Балкан не смеат да го следат примерот на илибералната демократија на Виктор Орбан, бидејќи таквата практика може да нанесе штета врз нивниот пристапен процес. А се смета дека мотивацијата на Унгарија за поддршка на процесот на проширување на ЕУ е водена од националните интереси, додека нејзините погледи за владеењето на правото, слободата на медиумите и домашното правосудство всушност придонесоа за забавување на процесот на проширување.

Авторите се категорични дека државите од Западен Балкан треба отворено да се спротивстават на автократските идеи, а институциите на ЕУ треба да заземат став за одбрана на нивните вредности.