Фото: Игор Бансколиев

Организацијата Меѓународен центар за миграција и политика (MCMП) лансира една интересна теза за новиот миграциски бран, која поедноставено значи дека „мигрантите се обидуваат да бидат имунизирани, односно здравствено заштитени од ковид-19, т.е. вакцинирани во камповите“. Нивниот мотив е „да дојдат и да бидат задржани на европско тло или во прифатните центри на земјите од Стариот Континент“, бидејќи „на овие луѓе им се дава поголема заштита на здравјето во споредба со матичните држави“, од каде што доаѓаат односно потекнуваат. Во основа, нивниот нов порив за миграција е – да се вакцинираат

Дали вакцината против ковид-19 стимулира нов наплив на мигранти од третиот свет

Меѓународниот центар за миграција и политика (MCMП) информира дека оваа година постои простор за загриженост, бидејќи, според неговите анализи и процени, постои поголема веројатност за зголемен притисок на границите од страна на мигрантите за движења кон европските земји. Во прашање е нова причина за кревање миграциски бран – вакцинирањето.
Своите констатации организацијата МСМП ги базира врз една интересна теза, која поедноставено значи дека „мигрантите се обидуваат да бидат имунизирани, односно здравствено заштитени од ковид-19, т.е. вакцинирани во камповите“. Нивниот мотив е „да дојдат и да бидат задржани на европско тло или во прифатните центри на земјите од Стариот Континент“, бидејќи „на овие луѓе им се нуди поголема заштита на здравјето во споредба со матичните држави“, од каде што доаѓаат односно потекнуваат.
Во своја анализа на оваа тема австрискиот весник „Ханделсблат“ пренесува изјава на Михаел Шпинделегер, директорот на организацијата МСМП чие седиште е во Виена, кој истакнува дека луѓето од ЕУ добиваат вакцини за ковид-19, а сето тоа е многу примамливо за оние што потекнуваат од Африка и од Азија.
– Сето тоа е многу примамливо за бегалците и токму поради тоа очекуваме пораст на овие луѓе во претстојниот период – изјавил Шпинделегер.

Тој истакнал дека неговата организација во последниот период регистрирала пораст на бегалци и мигранти во Европа за 90 проценти во споредба со минатата година, кои потекнуваат од Либија, но и од други земји на Блискиот Исток.
Свои мислења и ставови на овие случувања имаат и домашни и странски аналитичари.
Во својата изјава за „Нова Македонија“, експертот за прашања поврзани со миграција и бегалци Илијас Рубанис, кој живее и работи во Британија и кој во минатото и самиот бил истражувач на Меѓународниот центар за миграција и политика, вели дека состојбите што се истакнати во ова истражување се сосема реални, а земјите од Европа, особено оние на балканската маршрута треба да се подготват за потенцијално заживување на мигрантскиот бран.
Рубанис додава дека, сепак, овој потенцијален наплив на мигранти не важи само за мигрантите од Африка и од Блискиот Исток туку и за сите оние луѓе што во неразвиените земји не ја примаат соодветната здравствена заштита изразена во вакцини против коронавирусот.
– Јас би додал дека Европа, генерално, можеби може да очекува и наплив на Американци или на луѓе од Јужна Америка и Азија да се обидат да дојдат на Стариот Континент за да добијат вакцини за страшната болест. Не сите во светот ги уживаат здравствените привилегии како европските земји, па, оттука, сѐ е можно. Во тој правец, сите оние државници што раководат со земјите, без разлика дали тие се на балканската маршрута или не, но кои се дел од Европа треба многу сериозно да му пристапат на проблемот и да го подготват државниот механизам за навремена реакција – вели Рубанис.

Од друга страна, во својата последна изјава за весникот Сузана Тунтева од Црвениот крст вели дека Македонија со почетокот на пандемијата на мигрантите и бегалците веќе им ја дава сета неопходна здравствена помош како и на граѓаните на оваа земја.
Според Тунтева, постои план за реакција што е изработен од Владата и кој ги следи препораките на СЗО за луѓето што транзитираат низ нашата земја до нивните крајни дестинации.

– Во правец на намалување на штетните последици по здравјето на бегалците, барателите за азил и мигрантите што минуваат низ нашата држава, постојат редица активности што се спроведуваат од страна на Црвениот крст, во тесна соработка со државните институции и здравствените власти – вели Тунтева.
Според неа, тимовите на Црвениот крст што се распоредени на нашите гранични премини, во прифатните центри, но и во центарот за азил, спроведуваат голем број протоколи поврзани со пандемијата на ковид-19.
Таа вели дека во моментов подолг период има зголемена дистрибуција на хигиенски средства и заштитна медицинска опрема (маски и ракавици), а на луѓето што пристигнуваат во земјата, кои се сместени во центрите, им се делат летоци со неопходни содржини за заштита од болеста на арапски јазик и на јазикот урду.
Таа резимира дека е битно да се знае дека мигрантите, бегалците, но и барателите на азил во Македонија во моментов ги уживаат истите медицински заштити и права како и домашното население во државата.

[email protected]