Фото: Маја Јаневска-Илиева

Граѓанската асоцијација МОСТ го следеше денешното гласање со 900 набљудувачи. На 696 гласачки места, избрани според случаен и репрезентативен примерок, биле распоредени исто толку набљудувачи, со што биле покриени 20% од вкупниот број на гласачки места на територијата на целата држава, како и 20% во рамките на секоја изборна единица.

Според податоците добиени од програмата за паралелно сумирање на гласовите (ПВТ), која претставува математичко-статистичка научна метода, одѕивот на гласачите по изборни единици е следниот: ИЕ 1 – 53,42, ИЕ 2 – 49,53, ИЕ 3 – 57,76, ИЕ 4 – 61,85, ИЕ 5 – 51,13 и ИЕ 6 – 40,84 отсто.

Што се однесува до резултатите од изборите, поради тесните резултати и маргината на грешка која ПВТ примерокот ја продуцира, МОСТ не е во можност да ја проектира распределбата на мандати по изборни единици. Според обработените податоци од ПВТ примерокот, резултатите по изборни единици се следни: Изборна единица 1 – максимална маргина на грешка 2, ДПА – 0,85, Политичка партија Демократи – 0,1, Коалиција Можеме – 33,81, Левица – 7,32, Алијанса за Албанците и Алтернатива – 9,31, Глас за Македонија – 0,51 осто.

Набљудувачите на МОСТ во целиот изборен процес денеска констатираа само една нерегуларност, на гласачко место во Кичевско, кога гласач го фотографирал избирачкото ливче и според нив изборниот ден поминал во регуларна атмосфера со почитување на мерките за заштита.