Фото: Дарко Андоновски

Претставници од граѓанската асоцијација „Мост“ во периодот од 17 до 19 часот забележале изборни нерегуларности на две гласачки места.

На гласачкото место 2659 во општина Кисела Вода гласач го фотографирал гласачкото ливче, при што реагирал изборниот одбор и била повикана полиција. Гласачкото ливче било поништено, а гласањето било прекинато во период од 15 минути.

На гласачкото место 0506/1 во гостиварско Чегране, 13 гласачи не биле проверени со УВ-ламба, 8 гласачи не биле обележани со спреј, а биле забележани и 4 случаи на семејно гласање.

Според податоците добиени од паралелното сумирање на гласовите на „Мост“, одзивот на гласачите до 17 часот е 38,8 отсто, додека до 18 часот е 42,7 отсто.

На последната прес-конференција за денеска „Мост“ ќе извести за резултатите за одзивот и распределбата на гласовите, кои ги пресметува според својот математичко-статистички научен метод.