Министерството за образование и наука изразува жалење што денеска поради опозициската ВМРО-ДПМНЕ во Собранието, како што се наведува, испуштена е можноста за усвојување на измените на Законот за наставници и стручни соработници со кои се обезбедуваат повеќе права и се унапредува економскиот и општествен статус нанаставниците.

– Очигледно е отсуството на интерес кај претставниците на најголемата опозициска партија во парламентот, за придонес кон подобрување на состојбите во областа на образование, првенствено преку подигнување на мотивацијата за работа на наставниците и стручните соработници во основните и средните училишта во државата. А тоа е нешто што го обезбедува ова современо законско решение – велат од МОН.

Од МОН појаснуваат дека законот уредува дека сите нови вработувања во училиштата ќе бидат директно на неопределено време, наместо како досегашната практика да се чекаат две години за отпочнување на процес на трансформација, а воедно и сите наставници и стручни соработници кои во овој момент се ангажирани на определено време, со стапувањето во сила на законските измени ќе добијат решение за трајно вработување доколку ги исполнуваат предвидените законски услови.

Законското решение, додаваат од МОН, овозможува професионален и кариерен развој за вработените во училиштата, како и следење и оценување на работата уште од првиот ден на стапувањето во редовен работен однос. Воедно, за прв пат законски се дефинираат компонентите на платата на наставниците и стручните соработници, со што се овозможува исплата на додатоците на плата за претходно стекнатите педагошки звања како резултат на успешност во работењето, додатокот за одделенско, односно класно раководство, за работа во комбинирана паралелка и за работа во ридско-планинско подрачје, за кои во минатото имаше реакции дека не се исплаќаат од страна на училиштата.

Решението предвидува и исплата на целосна плата за неполн неделен фонд на часови на наставниците кои ќе реализираат воспитно-образовна работа според наставен план и програми донесени согласно Концепцијата за основно образование и воспитание, доколку имаат минимум десет наставни часови во неделата. А предвидено е и покачување на платите на наставниците со секое зголемување на минималната плата.