Молитвите и повиците на оџата од џамиите имаат длабок духовен карактер. Како и секоја друга молитва, таа треба да допре до разумот и срцата на верниците. Но практикувањето на сѐ погласната молитва од звучниците, кои емитуваат високи децибели од џамиите кај нас, повеќе е вознемирувачко отколку смирувачко. Соочувајќи се со истите проблеми, во неколку земји со муслиманско население, како Саудиска Арабија, Индонезија, но и Косово, тамошните власти со закон ја ограничија јачината на звукот што доаѓа од џамиите. Какви се состојбите во Македонија и како населението со граѓански иницијативи се соочува и бори со тој проблем?

Во Македонија сѐ уште без законска
регулатива за бучавоста од верските објекти

Саудиските власти ја ограничија јачината на звукот во џамиите откако јавноста поднесе жалба против гласните верски обреди што доаѓаат од џамиите. Министерството за исламски работи на Саудиска Арабија неодамна објави дека сите звучници треба да бидат поставени на една третина од максималната јачина на звукот, што е конкретен одговор по жалбите на јавноста.
Според медиумот во конзервативната муслиманска земја, овој потег на властите предизвика реакција, особено на социјалните мрежи.
Надлежниот министер изјавил дека поплаките доаѓале од родители што се жалеле дека гласните молитви од џамиите им го нарушуваат спиењето на децата, а во своето обраќање на националната телевизија, тој нагласил дека оние што сакаат да се молат не треба да го чекаат повикот на имамот за молитва.
Ограничувањата доаѓаат кога престолонаследникот Мохамед бин Салман се обидува да ја направи Саудиска Арабија полиберална и да ја намали улогата што ја игра религијата во јавниот живот.
Сличен случај е регистриран и во Индонезија, каде што тамошните медиуми информираат дека државни власти бараат да се намали тонот на звучниците на џамиите за време на дневната молитва.
– Џамиите во Индонезија користат звучници за да емитуваат „езан“ (повик за молитва) пет пати на ден, како потсетник за луѓето да се молат. Гласниот тон може да ги вознемири другите луѓе, вклучувајќи ги и другите муслимани. Потивок повик за молитва би било поверојатно полесно да влезе во срцето на еден човек отколку гласни звуци – информира порталот „Глобал војсес“.

Од регионот, соседно Косово во 2014 година воведе законска легислатива со која се регулира таканаречената загаденост со бучава во земјата според стандардите на ЕУ.
Овој законски акт подготвен од косовското министерството за животна средина и просторно планирање, всушност, преставува хармонизација со легислативата на Европската Унија по прашањата за бучавата на верските објекти, а тој пред и по стапувањето во сила беше предмет на големи критики на муслиманската заедница во државата.
Овие настани и појави од светот и од регионот се интересни за следење и анализирање и од македонска перспектива, бидејќи нашата држава како мултиетничка средина се соочува со слични проблеми и предизвици на голема бучава од џамиите и верските објекти, што честопати ги остава граѓаните без сон.
Според Законот за заштита од бучава, за секое пречекорување на дозволените 45 децибели гласност, глобата се движи од 150 до 20.000 евра.
Градските власти на Скопје што се надлежни да ги контролираат состојбите во изјава за „Нова Македонија“ велат дека Градот во рамките на своите надлежности презема голем број мерки и активности на посочената проблематика. Оттаму додаваат дека, сепак, станува збор за комплексна материја што има поделени надлежности.
– Обврската за мерење на бучавоста на верските објекти ја имаат инспектори за животна средина во рамките на соодветните општини, каде што од нивна страна се ангажира лиценцирана и акредитирана фирма за мерење на бучавоста. Овие фирми стручно и со посебни инструменти ги вршат мерењата за бучавост, а врз основа на истите тие, издаваат извештај во кој се наведуваат резултатите и дали тие се во рамките на дозволената јачина на децибели, која е пропишана со закон – велат од Градот.

Оттаму информираат дека самите мерења и постапки на општинските инспектори започнуваат по претходна пријава од страна на граѓани или друг субјект.
– И нашите инспектори можат да извршат инспекциски увид по вакви пријави, но практиката и надлежностите упатуваат дека бучавоста на овие субјекти ја вршат општинските инспекторати, додека ние (Инспекторат на Град Скопје) најчесто ја контролираме бучавоста што произлегува од производствените и индустриски капацитети што работат со Б-интегрирана еколошка дозвола – се вели во одговорот до редакцијата.
Од друга страна, непријатноста со бучавата од верските објекти досега иницира повеќе јавни петиции до властите за решавање на овие состојби. На интернет беше поведена и петиција од граѓаните на социјалните мрежи, која е насловена „Да се исклучат звучниците на џамиите во Македонија пред 7 ч. наутро“.
Дополнително, пред неколку години во Кочани се отвори и јавна дебата за решавање на овој проблем, откога локалното население по своја иницијатива измерило дека верските објекти во градот имале гласност над утврдениот законски максимум од 45 децибели.
– Ние имаме измерено бучавост што достигнува до 85 децибели, а максимално дозволената бучавост е од 45 до 55, во зависност во кој период од денот е. Таа бучавост е толку гласна, толку силна, што, еве, на пример во соседството имаме и мали деца, кои прекуден, ако спијат, звучникот сигурно ќе ги разбуди. Имаме стари луѓе, навечер летно време звучникот е пуштен во 22 часот, кога повозрасните луѓе веќе спијат. Значи, ги буди од спиење. Напладне, кај 16 часот, пак звучникот е пуштен, има луѓе што одмораат и пак ги буди, значи бучавоста е неподнослива – вели Спасо Ѓорѓиев, жител на улицата Борис Трајковски.

Со свои реакции за состојбите во главниот град се огласија и видни универзитетски професори.
Професорот Јове Кекеновски вели дека неколкупати во изминативе години тој јавно се обидел да иницира дебата и полемика за намалувањето на бучавата што ја чувствуваат граѓаните од верските објекти.
– Никој во земјата не е против практикување на верските обреди и права на сите религии, но сметам дека во одредени случаи, конкретно кај џамиите, бучавата што пристигнува во раните утрински и ноќни часови го надминува дозволеното. Факт е дека никој во земјава ниту го мери ниту го санкционира ова однесување, бидејќи во последните години се добива впечаток дека џамиите една со друга се натпреваруваат која погласно ќе ја пушти верската порака од звучниците – вели професорот.
Тој советува дека секој верски обред треба да биде во границите на дозволеното и на цивилизираното однесување.
Универзитетската професорка Тања Каракамишева во врска со оваа тема вели дека од 12 до 12.20 часот на Правниот факултет мора да се паузира со предавањата ако не сака професорот да добие запаление на гласните жици поради надвикување со снимениот глас на оџата што се пушта од џамијата во соседството.
Толку за почитувањето на законот за дозволените децибели во јавниот простор – пишува професорката.
Од Министерството за животна средина и просторно планирање велат дека државните власти не вршат контрола на бучавата во населените места во државата, туку тоа го вршат акредитирани лаборатории по барање на локалните општински власти.

– Во зависност од каде е пријавен случајот, дали во МВР или во општините, се алармираат овие лаборатории, кои во соработка со инспекциските служби излегуваат на терен и го вршат мерењето на гласноста, дали таа го надминува дозволеното ниво во населените или индустриските локации во државата. Ако е нарушено нивото, тие се санкционираат соодветно според законските решенија и на објектите што ја вршат бучавата им се наложува да ја минимизираат – велат од Министерството.
Градоначалникот на Општина Бутел, Велимир Смилевски, во изјавата за „Нова Македонија“ вели дека најчесто силната бучавата од верските објекти во општината може да се случи за време на големите верски празници. Тогаш, доколку има поплаки од граѓани, но и надминување на дозволеното законско ниво, граѓаните случаите ги пријавуваат во општината, која пак потоа ги известува градските власти за состојбите.
– Генерално, општината не поседува соодветни мерни инструменти за да се следи на терен состојбата со гласноста на верските објекти, но по пријава на граѓаните колегите од градот редовно реагираат кај одредени верски објекти и тие потоа го регулираат нивото на гласност доколку ја надминале дозволената граница – резимира градоначалникот.
Од Општина Карпош, пак, велат дека секторот за инспектори при општината постапува во согласност со Законот за бучава.

– Посебен оператор (избран преку јавна набавка) ги врши мерењата на бучавата, најчесто од домот на она лице што е подносител на пријавата. Постапката наложува мерење на бучавата од приватното домаќинство (пријавителот). И вакви примери имаме повеќе, при мерење бучава на угостителски објекти (кафулиња, ресторани), при што во повеќе наврати е изречена парична санкција – велат оттаму.
Од Општина Карпош објаснуваат дека добивале повеќе пријава за бучава од верскиот објект во Долно Нерези.
Сепак, велат дека Законот за бучава не пропишува мерење на бучавата и од верски објекти, туку се прават напори за да се реши оваа законска празнина.
– Во повеќе наврати контактиравме и со Исламската верска заедница и со Комисијата за односи меѓу верските заедници, со цел овој проблем трајно да се реши и да не се загрозува квалитетот на животот на граѓаните – заклучуваат од Општината.

[email protected]