Фото: Маја Јаневска-Илиева

Може ли во постизборниот период одредено време Македонија да биде обезглавена, односно да не бидат пополнети највисоките државни позиции. Токму оваа дилема се наметнува со оглед на фактот што Македонија во еден сензитивен политички момент, по промената на името, може да се најде со распуштен парламент и без претседател на Собранието, со нов технички премиер според пржинскиот модел и актуелен
претседател на државата, кој ги одбројува последните денови од мандатот

Најавата на претседателот на Собранието, Талат Џафери, дека претседателските избори ќе ги распише на 8 февруари, а по нив ќе гласаме на 21 април и на 5 мај, во јавноста отвори одредени дилеми околу можните сценарија во кои државата одреден период би останала обезглавена, односно да се јави вакуум во примопредавањето или пополнувањето на одредени највисоки државни позиции.
Овие дилеми се присутни во јавноста бидејќи се претпоставува дека ќе има втор круг гласање во претседателската трка на 5 мај, а доколку се обжалат тие резултатите, можно е процедурата за финалните резултати од изборите да биде готова дури на 7 мај. Токму оваа временска рамка влегува во истата работна седмица во која на 12 мај практично и му завршува мандатот на актуелниот претседател на државата Ѓорге Иванов. Но хипотетички, секако, се можни и нови пречекорувања и поместувања на датумите од разни причини, со оглед и на фактот што претседателските избори сѐ уште не се распишани, а нема ниту одлука дали заедно со нив би се одржале и предвремени парламентарни избори. Одлуката за тоа се најавува токму во текот на оваа недела. Од друга страна, доколку по која било причина рокот за поставување нов претседател се одолжи, според Уставот, шеф на државата ќе биде актуелниот претседател на парламентот Талат Џафери. Тука ништо не би било спорно, меѓутоа кога на ова случување ќе се додаде можноста симултано да се одржат и парламентарните избори тогаш целиот парламентот, вклучувајќи го и претседателот Џафери, според закон, се должни да се самораспуштат.

Истовремено, во услови на двојни избори напролет (претседателски и парламентарни) ситуацијата станува уште покомплицирана ако се додадат и правилата за избори според Пржинскиот договор, според кои е можно да се најдеме во ситуација и без активен формален премиер, бидејќи сегашниот Зоран Заев со правилата на пржинската влада е должен на 100 дена пред изборите да се повлече, а на негово место се именува технички премиер за спроведување на изборите како и нови министри за внатрешни работи и труд и социјална политика. Така, повторно хипотетички, Македонија во еден сензитивен политички момент, по промената на името, може да се најде со распуштен парламент и без претседател на Собранието, со технички премиер и актуелен претседател на државата, кој ги одбројува последните денови од мандатот.

Она што дополнително е интересно, е фактот што во овој временски период кога траат овие случувања, земјата првпат во историјата ќе биде посетена од папата Франциск, кој ќе ја оствари својата икслучително важна посета во Македонија на 7 мај, во екот на изборните настани и случувања.

Во контекст на актуелните дилеми, претседателот на Државната изборна комисија, Оливер Дерковски, објаснува дека роковите за спроведување на изборите, објавување на нивните резултати како и одговорите по поплаките не можат да се поклопат со роковите на траењето на функцијата на актуелниот претседател.

Според него, ДИК конечните резултати од изборите ги објавува веднаш и тие се најдоцна во рок од 24 часа од денот на нивната конечност.

– Што се однесува до поплаките и жалбите по изборите тие можат да бидат доставени до ДИК, а по нив во сите форми на изборите (локални, парламентарни и претседателски) се одлучува во краток временски рок, односно во период од 24 и 48 часа кога трае законското право за приговор на овластените претставници на партиите, кои учествуваат во изборите – вели Дерковски.

Тој објаснува дека ДИК одлучува во временски период од 24 часа по одредени приговори, а доколку тоа биде оспорено процедурата се сели во Управниот суд, кој, пак за истата работа одлучува во 48 часа.

Според него, единствена разлика има кај поплаките и жалбите за референдум каде што процедурата е различна и за нив одлучуваат ДИК и Врховниот суд наместо Уставниот суд.

Дерковски вели дека тоа е така бидејќи Законот за одржување референдуми е стар и потекнува од 2005 година.
– Гледано во правец на прашањето дали има можност роковите на претстојните избори да се поклопат со траењето на функцијата на претседателот, јас мислам дека е тешко и малку веројатно – вели Дерковски.

Претседателот на ДИК, Дерковски во контекст на годинашните избори вели дека ДИК е подготвен за спроведување на претстојниот изборен циклус и веќе изврши некои подготвителни активности за да биде подготвен по распишувањето на истите тие за да ги испочитува сите рокови.

Во меѓувреме, универзитетски професори во земјата со кои се консултиравме, во сублимиран заклучок велат дека Уставот на државата е така конституиран што не постои можност државата во ниту еден момент да се најде обезглавена и без раководство од страна на клучните државници.

Професорката Тања Каракамишева вели нема потреба од страхување бидејќи Уставот е јасен и тој нема да дозволи државата да остане без функционални институции во сценаријата, а во тој контекст вели дека станува збор практично за две состојби.

– Првата состојба е ако има само претседателски избори. Во случај да се појави каков било вакуум во државата во однос на функцијата претседател Уставот е јасен. Ако не се избере претседател на Републиката и по двата изборни круга, постапката се повторува, а до изборот на нов претседател на државата, в.д. претседател на држава е претседателот на Собранието. На местото на претседател на Собранието во таков случај доаѓа еден од актуелните потпретседатели. Натаму, втората состојба е ако се одржат заедно и предвремени парламентарни и претседателски избори. Во случај да се оди со пржинска влада, се избира нов претседател на Владата што го номинира власта. Пржинскиот претседател на Владата ќе ја има извршната власт до конституирањето нова влада, а позицијата претседател на Републиката ќе ја води Иванов до истекот на неговиот мандат. Таа пржинска влада дејствува до изборот на нова влада, така што нема никаков вакуум во делот на извршната власт, а во однос на претседателот важи истото тоа што го напоменав претходно. Значи нема простор за грижа, нема можност земјата да остане без институции – вели професорката Каракамишева.

Сличен став по овие прашања дели и професорот Борче Давитковски, кој објаснува дека не постои можност државата да се најде во состојба во која нема да има ефективна државна власт за не дај боже случувања.

– По прекинот на функцијата на претседателот Иванов, според Уставот, односно до изборот на нов претседател таа државна позиција е во рацете на претседателот на Собранието. Во контекст на парламентот дури и да има предвремени избори, истите правила важат бидејќи иако се самораспуштат пратениците тие се на нивните функции до изборот на нови пратеници, што значи дека и во овој случај сѐ е во рацете на претседателот на парламентот – вели Давитковски.

Професорот сепак истакнува дека поголема проблематична состојба може да излезе во случај ако нема цензус во вториот круг од претседателските избори.

– Во овој случај повторно в.д. претседателот би бил претседателот на парламентот, но државата би се нашла во состојба во која би морале да го промениме повторно Уставот за да се воведе избор на претседател со двотретинско мнозинство во Собранието. На претходните избори за претседател се намали цензусот бидејќи бројките за цензус се едноставно најверојатно превисоки. Со изборот на претседател гласан во парламентот на овој начин би се заобиколил проблемот со цензусот и би се спровела чисто парламентарно владеење на државата, а вакви примери имаме во Грција, Унгарија, Италија, Германија и други европски држави – вели Давитковски.

Токму неделава што е пред нас треба да понуди и одговори на мноштвото дилеми како околу роковите така и во врска со варијантата дали напролет ќе имаме двојни избори или трката ќе се води само за функцијата шеф на државата.