Фото: Игор Бансколиев

Од изјавите на политичарите не може да се открие каква нова понуда и документи се во игра, иако од претходно е познато дека она на што инсистира бугарската страна е анекс на Договорот за добрососедство за одредени точки, а некои тамошни политичари инсистираат и на потпишување целосно нов договор

Разменети понуди и документи меѓу Бугарија и Македонија во врска со евроинтегративната блокада

По бугарското вето на министерскиот состанок во ноември, сега повторно во јавноста се подгреваат надежи дека сепак се можни компромис со Бугарија и почнување на преговорите за членство со Европската Унија во декември. Но она што сега се наметнува како дилема е колку навистина е реален тој оптимизам, на што се темели тој, бидејќи треба исклучително да се биде внимателен со тоа дека евентуалното ново вето ќе доведе до уште поголемо разочарување кај македонските граѓани.
– Северна Македонија прави сè што е неопходно во функција да се постигне решение за отворените прашања што постојат со Софија – изјави премиерот Зоран Заев, притоа додавајќи дека двете држави се блиску до договор, без да прецизира во кој дел се доближиле во дијаметрално спротивставените ставови.
Оптимизмот на премиерот го сподели и неговиот коалициски партнер, лидерот на ДУИ, Али Ахмети, кој рече дека Македонија и Бугарија размениле понуди и документи.
– Мислам дека не е време да споделувам со јавноста за понудите или последните документи што се разменети. Ќе почекаме да ја видиме реакцијата од Бугарија – изјави Ахмети, изразувајќи надеж дека до крајот на годинава ќе има добри вести од Софија.

Во меѓувреме, бугарскиот премиер Бојко Борисов на видеоконференција со амбасадорите на земјите-членки на ЕУ и Швајцарија рече дека Бугарија отсекогаш била подготвена за дијалог и разбирање за решавање на билатералните прашања со Македонија, но тоа мора да биде посакувано и спроведено од двете страни.
Од изјавите на политичарите не може да се открие каква нова понуда и документи се во игра, иако од претходно е познато дека она на што инсистира бугарската страна е анекс на Договорот за добрососедство за одредени точки, а некои тамошни политичари инсистираат и на потпишување целосно нов договор, во кој ќе бидат вметнати и барањата за историјата, јазикот и идентитетот на македонскиот народ.
Од друга страна, за разлика од поголемиот дел во јавноста, македонските црвени линии во владината коалиција не се кристално исцртани, иако она што се пласира во јавноста е дека нема пазарење со јазикот и идентитетот, додека историските прашања се оставаат на комисиите од двете држави.
Токму впечатокот дека црвените линии се флексибилни, дополнет со последните оптимистички изјави на политичарите од власта, е конкретниот повод за опозицијата во земјава во врска со барањето за одржување лидерска средба и донесување резолуција во Собранието со која би се зацврстиле преговарачките позиции.

– Зошто не седнеме на лидерска средба, зошто да нè ѝ олесниме на Владата, зошто не ги забетонираме нашите преговарачки позиции со еден заеднички документ, кој ќе го усвоиме заедно во Собранието. Ајде во Собранието да изгласаме една таква резолуција на која ќе ги забетонираме позициите на Владата – изјави претседателот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.
Домашните аналитичари не ја исклучуваат можноста за позитивен развој на настаните во преговорите со Бугарија, иако задржуваат извесна резерва.
– Во Бугарија на почетокот на декември треба да се гласа буџетот, за што на Борисов му се потребни гласовите на Каракачанов. Кога ќе се изгласа буџетот, можно е Бугарија потоа порелаксирано да влезе во преговорите со Македонија – смета Марко Трошановски, директор на Институтот за демократија.
Сепак, тој задржува извесна резерва за развојот на настаните токму поради непредвидливиот менталитет на балканските политичари.
Универзитетскиот професор Живко Андревски вели дека евентуалниот оптимизам може да има основа преку наоѓање одредено преодно решение меѓу двете земји за да може Македонија да ги почне преговорите, а Бугарија да го амортизира меѓународниот притисок што беше насочен врз неа.
– Мислам дека бугарската блокада ќе се премостува врз основа на овие меѓународни притисоци и интервенции што се направени, а дека конкретните точки за конфликтот ќе си останат. Бугарите никогаш не се откажале од тие тези што се актуелни сега, особено поради можноста да ги внесат во преговарачкиот процес на Македонија со Унијата. Мислам дека решението во декември ќе биде еден вид преодна форма, малку да се запостави тоа недоразбирање меѓу двете земји, за да можат да почнат преговорите, а натаму ќе се решаваат недоразбирањата – вели Андревски.

Според него, без оглед дали имало или немало црвени линии од наша страна, бугарските ултимативни барања се неприфатливи.
– Евентуално може да се објави дека македонскиот јазик само е кодифициран во 1945 година, друго нема што да прифатиме. Со бугарските барања само се нарушува принципот на толерантност, европски вредности, а ништо не се добива – категоричен е Андревски.
Некои од историчарите се скептични за оптимизмот за надминување на проблемот со Бугарија и почнување на пристапните преговори, бидејќи сметаат оти прашањата за историјата треба да им се остават на историчарите, а политичарите да градат добрососедски односи врз основа на политички, економски и културни односи.
– Ако се смета за позитивен исход да се анулира целокупната историографска работа, нормативната, па и антрополошката историја и да нè сведат на некаков заеднички корен, тоа уште повеќе ќе ја влоши ситуацијата и пак ќе имаме уште полошо отворено македонско прашање – смета Наташа Котлар-Трајкова, научна советничка и редовна професорка на Институтот за национална историја.
Таа додава дека зад сета оваа работа што се случува со Бугарија е токму проблемот со отвореното македонско прашање.

– Сево ова што го гледаме како сценографија, кореографија, па и сценарио што го читаме, е многу подлабока суштина одошто директните македонско-бугарски односи. Во основа е отвореното македонско прашање. Тоа не се затвори со Букурешкиот мировен договор, а тоа во суштина беше прашање за јазик, за македонска народност, прашање за посебна македонска црква, прашање за македонска посебна држава. Во ова време, по сто и повеќе години, македонското прашање е отворено и никогаш нема да има на Балканот политичка, па и економска констелација сè додека е отворено македонското прашање – истакнува Котлар-Трајкова.
Таа додава дека доколку актуелната власт сака да постигне решение со Бугарија, треба да се држи до политичките формулации, односи и инструменти, без да меша други дејства, како наука и идентитет.