Фото: Игор Бансколиев

Како да се претвори демотивирачкиот начин на размислување предизвикан од блокадата на Бугарија во можност за забрзување на развојот на регионот, особено на трансверзалата исток-запад? Дали би се динамизирале процесите на евроинтеграциите со уште порешителни економски мерки поттикнати од ЕУ, со капитални инфраструктурни и енергетски инвестиции, и тоа не само во нашата земја? Аналитичари од Македонија и од Бугарија имаат интересни согледувања во однос на оваа тема, ставена во поширок регионален контекст, со нагласка дека постои и вин-вин опција за оние што сакаат да ја видат, каде што впрочем се крие и суштината на соработката, просперитетот, развојот и, во основа, самото постоење на ЕУ

Бугарската блокада е еднаква на регионална стагнација и поширок економски неуспех

Најновите настани и бугарската блокада од многу политички и економски аналитичари се доживуваат и како политички и како економски неуспех на целиот регион и на Европа воопшто. Од друга страна, интелектуални елити во поширокиот регион, а особено во двете засегнати земји, со своите размислувања и констатации фрлаат ново светло. Имено, како импулс за надминување на потенцијалната „депресија“ што би била предизвикана од бугарското „не“ за евроинтеграциите на Македонија и со тоа попречување динамизиран развој и поврзување на регионот, политички и економски аналитичари предлагаат нов приод за вин-вин ситуација. Нивното решение е многу повеќе од економски отколку од политички аспект. Имено, нивните предлози многу повеќе се совпаѓаат со вчерашните предлози на ММФ што на онлајн средбата со премиерот Заев беа истaкнати, а во кои се оценува дека реализација и вложувања во капиталните инвестиции во следниот период можат да помогнат од повеќе аспекти. Токму во тој контекст, политикологот и директор на Институтот за европски политики од Софија, Димитар Бечев, и Јулијан Попов, поранешен бугарски министер за животна средина и соработник во Европската климатска фондација, во сублимиран заклучок за магазинот „Политико“ велат дека излегувањето од оваа позиција по блокадата би можело да се претвори во извонредна можност за забрзување на евроинтеграциите – не само оние на Македонија, туку и на целиот Западен Балкан.

– Европа преговара за финалните делови од својот амбициозен пакет за економско закрепнување, кој во рамките на следниот долгорочен буџет ќе обезбеди фонд од 1,8 трилиони евра за членките на ЕУ. Голем процент од овие пари се наменети за модернизација на европската економија и надградба на нејзината инфраструктура, со посебен акцент на онаа прекуграничната. Растојанието помеѓу Софија и Скопје изнесува само 240 километри, но не ги поврзува ниту автопат, ниту пак железница. По сите разговори и преговори за регионална поврзаност и интеграција, македонско-бугарската граница претставува типичен пример за тоа што не е во ред со Балканот. Секој што барем еднаш имал можност да се справува со кривините на тесниот пат што се спушта од преминот Деве Баир, веројатно, ќе се согласи со кажаново – констатираат бугарските интелектуалци.
Тие забележуваат дека подобрувањето на сообраќајните врски ќе им даде поттик на трговијата и инвестициите.
– Потенцијал со сигурност има: во 2019 година, Бугарија беше трета најважна дестинација за македонскиот извоз, веднаш по Германија и Србија. Истовремено, кога се работи за бугарски извоз на производи, Македонија е меѓу првите 20 целни пазари.

Почетокот на македонските пристапни преговори за членство во ЕУ ќе поттикне владини и регулаторни реформи, отворајќи притоа нови можности за бугарските инвеститори, од кои некои порано се жалеа на недоволно квалитетен третман. Во исто време, тој ќе ги охрабри и македонските претприемачи, од кои многумина веќе имаат разработен бизнис во Бугарија – истакнуваат тие.
Според нив, доколку Бугарите се премислат и дозволат почеток на преговорите, логично е да се очекува зголемена соработка на полето на енергетската политика и помош за двете земји во однос на користењето релевантни ЕУ-фондови.
– Упатствата на Европската комисија за имплементација на нејзината Зелена агенда за Западен Балкан нудат добри, конструктивни насоки за ефикасна соработка помеѓу Софија и Скопје и отвораат пат за подлабока интеграција на Македонија во Европскиот зелен договор. Заедничката вклученост во Климатскиот план 2050 на ЕУ ќе креира солидна основа за развој на чистоенергетската инфраструктура, која би ги поврзувала двете држави. Таа ќе им помогне да ги интегрираат своите пазари на електрична енергија, да ги намалат штетните емисии на гасови, како и да успеат во реализацијата на одредени нови цели, што може да бидат од голема помош за двете економии – велат Бечев и Попов.
Двајцата забележуваат дека ако Софија и Скопје се согласат да работат заедно на модернизација на сопствените економии – користејќи комбинација од европските фондови за закрепнување, своите национални буџети и други ЕУ-инструменти за финансирање – тогаш ќе успеат да привлечат нови инвеститори и ќе ја направат својата земја поатрактивна за нови индустрии.

На тој начин, подвлекуваат, ќе се забрза економската трансформација од обете страни на границата и ќе се зајакне стабилноста и безбедноста на регионот, што ќе им овозможи да ги „надраснат“ своите историски несогласувања и да се упатат кон иднината.
Бечев и Попов појаснуваат оти, се разбира, ниту еден чекор во овој процес нема да биде лесен, а политичките калкулирања од страна на македонските и бугарските власти, во комплет со долгогодишната пизма што беше разбудена со условувањето и покажувањето мускули од страна на Бугарија, веќе создадоа сериозни штети. Сепак, резимираат тие дека постои и вин-вин опција за оние што сакаат да ја видат, впрочем, тука се крие и суштината на постоењето на ЕУ.
Поранешниот македонски амбасадор во Бугарија и во Албанија, Никола Тодорчевски, во свој осврт на случувањата вели дека доколку се има волја секоја состојба во дипломатијата е надминлива и решлива и сѐ може од крајна негативност да се преточи во надеж за подобри релации.
Дипломатот потсетува дека Скопје и Софија имаат повеќе заеднички допирни точки меѓу државите и народите отколку разделувања.

– Сакам да потсетам дека пред околу дваесетина години, Македонија и Бугарија потпишаа 22 договори што беа насочени да ги подобрат и развијат релациите меѓу двете земји, кои дотогаш, од буквално истите причини како сегашните поврзани со ветото, стагнираа со години. Имено, никој сега во јавноста не ги изнесува вредностите на потпишаните договори со Софија што во тоа време беа услов да се покаже дека Бугарија е подготвена за членство во ЕУ и од друга страна знак на добра волја на Македонија да се забрза патот на нашиот сосед во Унијата. Ние тогаш како држава делевме став дека треба да се помогне Бугарија да влезе во ЕУ, па таа да ни помогне и нам во иднина да станеме сите заедно дел од Европа. Но, за жал, оваа заложба беше спроведена само во корист на соседот, но не и на нашата земја – вели Тодорчевски.
Тој истакнува дека никој од актуелните политички гарнитури и во двете држави не направи комисија да ја процени вредноста на минатите 22 договори потпишани меѓу Македонија и Бугарија и да направи анализа колку тие всушност помогнале во релациите на земјите.
– Во оваа група прашања што нѐ интегрираат влегуваат многу процеси од трговијата, развојот на патната инфраструктура, економијата, гасоводните мрежи, авионските линии и така натаму, кои и денес како и пред 22 години имаат единствено позитивно значење – вели дипломатот.
Тодорчевски резимира дека кога се потпишуваа тогашните договори што ги спојуваа Македонија и Бугарија се најдоа сила и механизам да се направат отстапки од двете страни и се успеа во тоа, со што нашиот сосед се приклучи во Унијата, а сега е време да се стори истото тоа и Софија да ни возврати за добрата волја од минатото, за нашата земја да си го земе своето место во Брисел.

[email protected]