Фото: Дарко Андоновски

Можни ли се нови интервенции врз амандманите во текот на расправата и какви промени може да се очекуваат во тој правец? Власта досега повеќепати ги повика сите политички партии активно да учествуваат во расправата и со свои предлози да го подобрат текстот на амандманите. Во меѓувреме опозицијата најавува жестока дебата во врска со амандманите во Собранието, без да се прецизира што значи тоа

НАЦРТ-АМАНДМАНИТЕ НА УСТАВОТ ВЛЕГУВААТ ВО СОБРАНИСКА ПРОЦЕДУРА

Утре, на 7 ноември, треба да почне расправата за амандманите за промени во Уставот, во согласност со спогодбата од Мала Преспа во собраниската комисија за уставни прашања, а претседателот на Собранието, Талат Џафери, уште во истиот момент на објавување на нацрт-текстот на амандманите ја закажа пленарната седница за 1 декември, на која ќе треба конечно да се дефинира и да се усвои текстот на амандманите. Текстот на нацрт-амандманите веќе ѝ е познат на јавноста и, според реакциите, единствено „изненадување“ претставуваше вметнувањето на Охридскиот рамковен договор во преамбулата на Уставот (на сметка на редукцијата на одлуките од АСНОМ). Изненадувањето е во смисла на претходните изјави на премиерот Заев, како одговор на барањата на партиите Беса, Алијанса за Албанците (па и на вицепремиерот Бујар Османи од ДУИ) дека таква интервенција во Уставот со Охридскиот договор не е предвидена со спогодбата од Мала Преспа и дека тоа би било „проширување на Пандорината кутија“. Сепак, премиерот подоцна го објасни тоа со моментот дека кога веќе се отвора Уставот, а Охридскиот договор е „дел од конституцијата од Уставот на РМ, само сега се додаваат формулации, и тоа е фер кон сите помалобројни заедници“.

Но можни ли се нови интервенции врз амандманите во текот на расправата и какви промени може да се очекуваат во тој правец? Власта досега повеќепати ги повика сите политички партии активно да учествуваат во расправата и со свои предлози да го подобрат текстот на амандманите. Во меѓувреме опозицијата најавува „жестока дебата“ во врска со амандманите во Собранието, без да се прецизира што значи тоа.

Во целиот овој процес, откако усвојувањето на уставните измени влезе во Собранието, во јавноста се очекуваат конкретни ставови и дејствување на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, која се чини дека повеќе е преокупирана со внатрепартиските превирања по одметнувањето на осумтемина пратеници од нејзините редови, кои гласаа за пристапување кон уставни измени на 19 октомври и веќе дејствуваат како независна пратеничка група. Досегашните реакции што доаѓаат од ВМРО-ДПМНЕ за нацрт-текстот на амандманите оставаат впечаток на сувопарна протоколарност, иако лидерот на партијата Христијан Мицкоски во последното ТВ-интервју најави жестока дебата од нивната (преостаната) пратеничка група во Собранието.

– Јас очекувам една жестока критика на сето она што ќе биде предложено од страна на владејачкото мнозинство и од страна на Владата и во рамките на комисиската расправа а потоа и во рамките на собраниската расправа од страна на пратениците на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „За подобра Македонија“. Сето она што претходно го излажаа од страна на владејачкото мнозинство, да биде демаскирано и презентирано пред македонската јавност, да види со какви политичари има работа којзнае по кој пат, кои едно зборуваа претходно, а друго всушност имплементираат на дело – рече Мицкоски, речиси и самиот изненаден од внесувањето на Охридскиот договор во нацрт-текстот на амандманите.

Според Мицкоски, ова е несериозно однесување на Владата и автоматски повлекува промена на стратегијата за тоа како треба да се дејствува.

Ваквиот став на лидерот на опозицијата предизвика прашања во јавноста, во смисла дали жестоката критика од страна на пратениците на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „За подобра Македонија“ на сѐ што ќе биде предложено од владејачкото мнозинство може да го смени текот на процесот на имплементирање на спогодбата од Мала Преспа во Уставот на Р Македонија. Дали ВМРО-ДПМНЕ може да си дозволи одолжување на процедурите за пробивање на роковите за ратификација на спогодбата во грчкиот парламент?

– Не можам да претпоставам што би се постигнало со жестоката критика на сѐ што ќе биде предложено од страна на владејачкото мнозинство и од страна на Владата, од страна на пратениците на ВМРО-ДПМНЕ. Можеби да се обидат да премислат некого од пратениците од „пребегнатата осумка“, со разобличување и укажување на она што е штетно во предложените амандмани на Владата и владејачкото мнозинство? Можеби да се обидат да го растурат кревкото двотретинско мнозинство во Собранието? Но со оглед на мотивите за нивното гласање на 19 октомври и на тоа што и самите доставија барања што им беа наводно вградени во текстот на амандманите (иако ништо суштински различно не барале од она што веќе е содржано во спогодбата) се сомневам во целисходноста на таквата намера. Што се однесува до одолжувањето на процедурите, не знам колку тоа може да биде изводливо, со оглед на временските ограничувања за разгледување на амандманите – вели политичкиот аналитичар Владимир Божиновски.

Дали пратениците на ВМРО-ДПМНЕ ќе учествуваат во понатамошната фаза на уставните измени или, пак, ќе решат „да не даваат легитимитет“, би требало да се знае по координацијата на пратениците со лидерот Христијан Мицкоски, која требаше да почне вчера (понеделник, 5 ноември), доцна попладне. Од тоа, велат од ВМРО-ДПМНЕ, ќе зависи и дали опозицијата ќе има амандмани на амандманите. Од партијата, главно, повторуваат дека се против уставните промени за менување на уставното име на државата.

– Сето тоа е дел од договорот од Преспа, кој е неприфатлив за ВМРО-ДПМНЕ и за народот, во согласност со референдумското изјаснување и, според тоа, не се согласуваме со процесите што произлегуваат од договорот – изјави партискиот портпарол Наум Стоилковски.

Премиерот Зоран Заев и понатаму ги повикува пратениците на ВМРО-ДПМНЕ да се вклучат во собраниската дебата за амандманите (и да гласаат за уставните измени), но нагласува дека, сепак, не можат да поднесуваат нови амандмани, туку да предложат измени на веќе предложените нацрт-амандмани.