Фото: Маја Јаневска-Илиева

И сега, во моментот кога Македонија чека почеток на пристапните преговори со ЕУ, Бугарија се обидува да наметне „заедничка историја“, сакајќи македонската револуционерна борба против фашистите да се претстави како дел од една заедничка историја, а терминот бугарски фашистички окупатор да исчезне од колективната меморија

Непочитување на Договорот за добрососедство е „главната причина“ на официјална Софија за бугарската блокада на почетокот на пристапните преговори на Македонија со Европската Унија, но зад флоскулата „добрососедски односи“ се кријат едни поголеми апетити што одамна тлеат, а Бугарија сега ја гледа својата шанса преку уцени и притисок да наметне идеја за заедничка историја, јазик и идентитет, со единствена цел да се испере од делот во историјата во кој во неколку наврати беше на погрешната страна.
И додека премиерот Бојко Борисов и шефицата на дипломатијата Екатерина Захариева бугарската блокада ја појаснуваат преку жаргон поблизок до Брисел, од типот „ние не сакаме во ЕУ да увезуваме проблеми“, бугарската намера директно ја соопштува тамошниот министер за одбрана Красимир Каракачанов, со изјавата дека ако Македонија самата не можела, тој ќе испрател бугарски инженерски полк да ги демонтира спомениците од антифашистичката и народноослободителна војна во Македонија.
Дел од јавноста во земјава и во Бугарија ги релативизира изјавите на Каракачанов, карактеризирајќи го како контроверзна личност, која ваквите изјави ги користи за кревање на својот политички рејтинг, но токму истиот тој Каракачанов е бугарскиот политичар што директно ни ги кажува намерите на Софија, без заобиколување.
Токму тие споменици се сведоштво на едно време во кое Бугарија стана сојузник на фашистичка Германија и како награда доби под управа дел од Македонија, при што историските сведоштва регистрирале многу понечовечки однос кон македонското население за разлика од Германците и Италијанците, кои исто управуваа со делови од земјата.

Депортацијата на македонските Евреи во логорите во Треблинка, стрелањето на младинците во Ваташа, ѕверското убиство на Невена Георгиева-Дуња во Велешко, како и на голем број други револуционери, се само потврда за ѕверствата што бугарската фашистичка војска ги направила на овие простори во текот на Втората светска војна врз сите оние што ја одбиваа насилната асимилаторска политика и што се залагаа за независна македонска држава.
И сега, во моментот кога Македонија чека почеток на пристапните преговори со ЕУ, Бугарија се обидува да наметне „заедничка историја“, сакајќи македонската револуционерна борба против бугарските и другите фашисти да се претстави како дел од една заедничка историја, терминот бугарски фашистички окупатор да се релативизира или да исчезне од колективната меморија, притоа наметнувајќи ретуширана историја дека всушност „Бугарите биле тие вистинските партизани и антифашисти, но наедно имало и бугарска администрација што била на страната на Третиот рајх, а војната била и граѓанска?!“

– Денес, за жал, сме сведоци на негирање на постоењето на македонскиот народ и на ослободителниот и антифашистички карактер на востанието на 11 октомври. Два непобитни факти се поврзани со овој настан. Прво, државата Бугарија во периодот од април 1941 година до септември 1944 година била сојузник на Третиот рајх. Договорот меѓу цар Борис и Хитлер за приклучување на Бугарија на нацистичко-фашистичката оска е потпишан на 18 април 1941 година. Според хашкиот правилник од 1907 година, членот 42, територија се смета за окупирана кога ефективно се наоѓа под власт, непријателска армија од една страна, а во светските речници од друга страна под окупација се подразбира заземање држава или дел од нејзината територија од страна на војска од туѓа држава. Така, во 1941 година дел од Кралството Југославија, територијата што се нарекувала Вардарска бановина била заземена и окупирана од Бугарија. Второ, современата македонска држава е помлада од македонскиот народ, а најголемиот дел од населението на Вардарска бановина на денот на окупацијата на Бугарија се чувствувале како Македонци. Така, 11 октомври е востание против ропството на Македонците од Бугарија, која на денот на востанието била сојузник на нацистичка Германија и фашистичка Италија – појаснува претседателот на МАНУ, академик Љупчо Коцарев.

Од своја страна, академик Катица Ќулавкова смета дека Бугарија нема право да диктира историска вистина само како што нејзе ѝ одговара.
– Историската вистина не е единствена и не е непоречна, меѓутоа Бугарите се држат токму за таа догма дека историската вистина е на страната на бугарската перспектива на толкување на историјата, што апсолутно не е точно – вели академик Ќулавкова.
Според неа, Македонија постојано трпела поради експанзионистичките претензии на Бугарија, Грција и на Србија.
– И сега тоа ни се зема повторно како некој претекст за да се негира нашето современо право да имаме своја држава. Мислам дека дури не би ја користела политичката фраза на црвена линија. Напросто е безумно, и европската интелигенција веќе го гледа тоа, и безумно е да се бара да си го поништиме самите државотворното право, да си ги поништиме самите и потекло и идентитетот, кои се целите на тоа потекло – појаснува Ќулавкова.
Бугарскиот историчар и автор на книга за бугарско-македонските односи Чавдар Маринов смета дека обидите на Бугарија преку блокирањето на македонските евроинтеграции да издејствува заедничка историја со Македонија се поради бугарското чувство на некаква загуба по Втората светска војна.
– По Втората светска војна, конечната еманципација на македонски национален идентитет во Југославија со нејзините атрибути како македонскиот јазик предизвикува чувство на загуба, т.е. одредена фрустрација во Бугарија. Бугарите се особено чувствителни спрема начинот на кој се прикажани во македонската историографија и јавен простор… Но тоа чувство на загуба претставува и неспособност да се прифати критички минатото – да се види дека многу од нашите претстави за историјата што ни се чинат „природни“ се селективни, тенденциозни и базирани врз погрешни претпоставки за историски континуитет – вели Маринов.

Според него, главната цел на бугарската политика при признавањето во 1991 година било откинувањето на Македонија од Србија и српското влијание тука.
– Се очекуваше новите политички елити во Македонија да го сфатат „фалшoт“ на својата нација и јазик и така Македонија да се „ребугаризира“. Долгото чекање изгледа ги изнервира бугарската политичка класа и експертските средини во Министерството за надворешни работи, и во последните години Бугарија применува директен притисок врз Македонија од „грчки“ тип, имено диктирајќи што Македонците мора да веруваат за себе, за својата историја и јазик – појаснува Маринов.
На почетокот на идната недела ќе биде познато дали Македонија во декември ќе ја одржи првата меѓувладина седница со ЕУ, со што би се означил и официјалниот почеток на пристапните преговори со Унијата. Шансите за такво нешто засега се минимални, токму поради бугарското противење и нивното апсурдно барање за заедничка историја. Македонија никому ништо не му зела, а уште помалку му наметнала, така што категорично треба да отфрли секакви ултиматуми, оти барем толку им должи на своите предци, кои за македонската кауза го дадоа и својот живот. Тоа не смее да се заборави, а уште помалку да се избрише со нечија „историска вистина“.