Фото: Игор Бансколиев

Во јавноста веќе циркулира информацијата дека одредени држави во регионот се оспособиле да почнат производство на вакцини против ковид-19 во своите фармацевтските индустрии. На пример, во погоните на три компании од Турција веќе може да се произведуваат вакцини против ковид-19, а капацитетот за производство би бил 160 милиони дози. Соседна Србија, пак, месецов информира дека е комплетно подготвена да ја произведува руската вакцина „спутник 5“ во погоните на своите фабрики. Може ли Македонија да му се приклучи на трендот?

Можно ли е земјите од регионот, вклучувајќи ја и Македонија, да се вклучат во процесот на производство на вакцините против коронавирусот? Оваа дилема се актуализира по сѐ почестите најави дека одредени држави во регионот се оспособиле да почнат производство во своите фармацевтски индустрии.

Србија и Турција се декларираа
дека може да произведат
вакцина против ковид-19

Турската новинска агенција „Анадолија“ на темата имунизирање информира дека Анкара работи на своите способности за производство на вакцини. Имено, во погоните на три турски фирми веќе можат да се произведуваат вакцини, а капацитетот на производство би бил 160 милиони дози. Ова во изјава го истакна турскиот министер за индустрија и технологија Мустафа Варанк, кој напомена дека земјата развила четири турски вакцини против ковид-19, кои успешно ги завршиле испитувањата на животни и кога ќе бидат безбедни по здравјето на луѓето, ќе почнат со масовно производство во земјата и регионот.
Соседна Србија, пак, месецов информира дека е комплетно подготвена да ја произведува руската вакцина „спутник 5“ во погоните на своите фабрики. Во изјава за ТВ-каналот Русија 24, министерот за здравство на Србија, Златибор Лончар, истакна дека Србија е подготвена да соработува со Русија во борбата против коронавирусот, но и во сферата на заедничкото производство на вакцината.
– Би сакал да кажам дека сме отворени за соработка со Русија. Би сакале нашите две земји да работат заедно на производство на вакцини, но и на заедничка борба против коронавирусот и другите болести – изјави Лончар.

Сѐ повеќе држави во светотпочнуваат со производство на лиценцирани вакцини од странски компании 

Слични информации на оваа тема стигнуваат и од државите од Азија, кои иако не поседуваат свои формули за успешна вакцина, почнуваат со производство на лиценцирани вакцини од странски компании.
Имено, Јапонија информира дека на домашно тло ќе ја произведува вакцината против ковид-19 патентирана на шведско-британската компанија „Астра Зенека“.
Според информациите во светските медиуми, „Астра Зенека“ уште минатото лето почна со тестирање на вакцината АЗД1222 во Јапонија и ќе ја произведува и дистрибуира во партнерство со фармацевтската компанија „Даичи санкио“ од Токио, но и со другите локални партнери од оваа земја.

Прави ли Македонија напори за да произведе или, во најмала рака, да набави вакцини?

„Нова Македонија“ се консултира со повеќе извори на оваа тема, како што се преставници на Министерството на здравство, преставници на фармацевтските компании, здравствени експерти, како и одредени интелектуалци и познавачи на оваа проблематика, во потрага по одговорот на прашањето дали нашата земја во некоја скора иднина би можела да почне да произведува вакцина против коронавирусот.
Од Министерството за здравство на прашањето дали и кога би можело да се очекува Македонија да се приклучи кон овој тренд, за „Нова Македонија“ информираа дека Министерството за здравство засега води интензивни разговори само за испораката на вакцините.
– Министерството за здравство води интензивни разговори за испораката на вакцините против ковид-19, преку трите механизми – „Ковакс“, директно со производителите „Фајзер“ и „Синофарм“, како и преку солидарниот европски фонд. За секој нов момент за вакцините, јавноста добива навремени и точни информации – велат од Министерството во одговорот до Редакцијата.
Микробиологот доктор Никола Пановски вели дека теоретски постои можност да се произведуваат вакцините во Македонија, но тоа, барем засега, односно годинава, би било неблагодарно да се инсистира од јавноста.
– Нашите големи фармацевтски компании најверојатно имаат потенцијал и знаење како да го истуркаат процесот, но за него во овој момент се неопходни огромни финансии, па во овој правец ни поголемите фармацевти од нашите сѐ уште не успеале во намерата. Во поранешна Југославија ние имавме два огромни центри за оваа намена: Торлак и Имунолошкиот завод во Загреб. Тие беа главните производители на вакцини за целото милионско население на поранешната земја, а другите производители од оваа индустрија произведуваа само лекови. По независноста, Македонија отсекогаш набавуваше вакцини од странство, бидејќи немаше економска логика да ги произведува во својата земја. Јас верувам дека наредната година состојбите на ова поле ќе бидат многу појасни и тогаш навистина ќе може да се даде попрецизен одговор на овие дилеми – вели докторот.
Тој лично смета дека светските компании во скоро време ќе го презаситат пазарот со овие вакцини и за една година отсега цената на сите вакцини ќе биде околу еден долар, а оние за потребите на нашите граѓани ќе може многу поволно да се набават од глобалните фирми, доколку на ова поле не бидат активни и домашните компании.

Подобра опција е обемна дипломатска акција за набавка на вакцини

Македонскиот дипломат Драган Јањатов во својот коментар за актуелните настани вели дека станува збор за сосема нов предизвик и ново поле на дејствување на нашата дипломатија. Дипломатот тврди дека иако досега имала искуство во посредување на медицинска соработка меѓу државите, тешко би можела да одговори на актуелните предизвици на пандемијата.
– Јас верувам дека нашата дипломатија преку економските советници би можела да оствари одредени контакти, но во тоа треба да е инволвирана и бизнис-заедницата. Во делот на фармацијата, во Македонија постојат услови и знаење за производство, како на пример оние во „Алкалоид“, но истовремено сето тоа е сѐ уште во сферата на хипотезата. Сметам дека е многу тешко во овој момент да се обидуваме да ја следиме Србија или Турција и дека во моментов најдобро решение е дипломатски да притискаме да обезбедиме што е можно поголеми дози на вакцините од реномираните светски глобални производители. Може во иднина, во некои помирни времиња, да ги бараме солуциите на производство на овие средства во погоните на нашите фирми – резимира дипломатот.

[email protected]