Фото: Маја Јаневска-Илиева

Судејќи по многубројните констатации и јавните изјави во медиумите од оние лица што ја добиле битката со болеста, и кај нас излекуваните од вирусот тврдат дека и по напуштањето на болниците чувствуваат одредени здравствени тешкотии од последиците на ковид-19. Во врска со ова се консултиравме со македонски медицински експерти. Според нив, како и во секоја извојувана битка со други болести, па и за ковид-19 логично е да се претпостави дека би можело, но не кај сите реконвалесценти, да има „подолгорочни или трајни лузни на организмот на пациентот“

Светска медицинска јавност сѐ повеќе е заинтересирана за истражувањата на прележаните од ковид-19, имено дали коронавирусот би оставил долгорочни или трајни последици врз здравјето на луѓето што се излекувале од вирусот. Така, доктори и научници, паралелно со борбата за запирање на пандемијата, имунизацијата, како и лекувањето, даваат сѐ од себе за да одговорат на прашањата што се однесуваат на медицинските случаи во кои луѓето што се излекувале од болеста и натаму имаат здравствени тешкотии. Распонот на тие тешкотии на прележаните од ковид-19 се движи од анксиозност, преку проблеми со дишењето и губењето здив, па до предизвикување прерана менопауза. Селина Рајен, истражувачка на Лондонската школа за тропска медицина, вели дека таквите случаи допрва ќе пораснат во предизвик што мора да се решава паралелно со пандемијата.
– Случаите со т.н. долгорочен ковид во иднина би можеле да прераснат во проблем на здравствениот систем, кој ќе биде поголем од актуелниот поврзан со бројот на починатите од вирусот – изјавува истражувачот Селина Рајен за „Политико“.

Каква е состојбата кај нас во однос на феноменот „долгорочен ковид“?

Судејќи според многубројните констатации и јавните изјави во медиумите од оние лица што ја добиле битката со болеста, и кај нас излекуваните од вирусот тврдат дека и по напуштањето на болниците чувствуваат одредени здравствени тешкотии.
Се консултиравме со македонски медицински експерти за овој проблем и тие велат дека овие состојби за кои пишуваат медиумите во светот се очекувани и кај нас. Според нив, како и во секоја битка со другите болести, така и за ковид-19 логично е да се претпостави дека во иднина би можело да се појават лица што ќе имаат долгорочни последици од нивната битка со вирусот. Тие подвлекуваат дека ќе станува збор за помал процент од вкупните заболени лица, а нивното долекување на долг план нема да го оптовари нашиот здравствен систем.
Микробиологот Никола Пановски вели дека констатациите во овој правец се сосема издржани и нормално е да се очекува во иднина да има одреден број лица во Македонија што по оздравувањето од болеста ќе бидат т.н. инвалиди.

Според него, такви случаи има и од срцеви заболувања и од други оштетувања на здравјето, а се однесува и на помал процент од заболените што најтешко ја минале битката со коронавирусот.
– Она што е битно во овој момент е да успееме да ги заштитиме младите луѓе да не заболат од овој вирус, бидејќи одреден број од нив на долг рок би можеле со години да боледуваат од овие т.н. трајно болни случаи – вели Пановски.
Тој смета дека нашиот здравствен систем може да ги издржи последиците и предизвиците по ова прашање ако се задржат актуелната статистика и број на болни, заразени и излечени случаи.
– По некоја логика, од две илјади заболени, вакви однесувања би можеле да се очекуваат кај помал број на лица, хипотетички кај 200 или 100, кои и понатаму во нивниот живот ќе имаат здравствена состојба што ќе треба да ја третираат со децении. Токму затоа сега, кога пандемијата е повторно многу активна, битно е сите да се заштитиме од заразување, почитувајќи ги мерките за спречување на вирусот – вели Пановски.

Приоритет има победата во борбата со ковид-19, а потоа ќе се санираат последиците

Александар Стојанов од Комисијата за заразни болести вели дека со сигурност може да се очекуваат одредени случувања поврзани со оваа тема во правец дека одреден процент од заболените ќе има здравствени проблеми во иднина, во зависност од многу фактори, пред сѐ од тоа кој орган ќе биде нападнат во болеста и слично.
Тој истакнува дека сепак е прерано да се коментираат овие настани, бидејќи светот само седум месеци се справува со настаните од пандемијата.
– Како и од секоја потешка болест, логично е да се очекува дека и од оваа ќе има некои подолги или, пак, трајни последици по здравјето на луѓето. Имено, симптомите се многубројни и разновидни, но сето не е научно потврдено, бидејќи сѐ уште ние немаме вакцина за ковид-19. Кога ќе се сумираат сите овие истражувања, кога ќе дојде вакцината, кога ќе измине време од година или две од денешна точка, дури тогаш би знаеле како да се постапи со тие заболени, на кој начин тие би се лекувале и до кога ќе трае нивниот процес на закрепнување – вели Стојанов.

[email protected]