Некако под впечатокот на самитот ЕУ – Западен Балкан, што се одржуваше истиот ден во Софија (Бугарија), и очекувањата за предлог-решение за спорот за името (како што беше најавувано) што Грција ѝ го има наметнато на Македонија, во четвртокот вечерта (17 мaj) во Охрид почнаа долгонајавуваните разговори во рамките на дијалогот „Жан Моне“, инициран од европратениците Иво Вајгл, Кнут Флекенштајн и Едуард Кукан.
Од друга страна, случајното или планирано совпаѓање на термините на одржувањето на ЕУ – Западен Балкан во Софија и дијалогот „Жан Моне“ во Охрид, на кој учествуваат претседателот на Собранието Талат Џафери, потпретседателите на парламентот, како и претставници на сите парламентарни партии, логично наведува на помислата дека можеби сѐ е темпирано за во еден неформален амбиент да се излобира парламентарно мнозинство, евентуално потребно за усвојување предлог-решение за спорот со Грција. Всушност, веднаш по враќањето на премиерот Заев од Софија и неговата изјава дека „една од опциите (за решение за името) е прифатлива за двете страни“, почнаа најавите дека на настанот во Охрид може да се случи и лидерска средба, која подолго време ја бара опозициската ВМРО-ДПМНЕ, со барање власта да информира за преговорите со Грција за името.

– Неоспорно е дека е потребен процес на дијалог за усогласување на нормативно работење на Собранието, за Деловникот (што секогаш некако се пренебрегнува, а е многу важен), како и за финансиска самостојност на Собранието. Уште во времето кога јас бев претседател на Собранието, за секојдневни работни трошоци на парламентот, требаше да се обраќаме на службите во Министерството за финансии и да добиваме одобрени, па дури и во одредени ситуации да треба да се интервенира и во Владата, кај премиерот. Потребна е таа финансиска самостојност и друго унапредување на работата на Собранието, што може да се постигне со вакви дијалози, како што е актуелниот „Жан Моне“ во Охрид. Но не сум сигурен колку и во таков амбиент може да се добие поддршка за некакво решение за сложен проблем, кој ја измачува Македонија со децении, како наметнатиот спор за името со Грција – вели професорот по правни науки и поранешен претседател на Собранието на Р. Македонија, Саво Климовски.

Тој смета дека партиите на двајцата лидери во двете земји го немаат потребното мнозинство за евентуално да протуркаат некакво решение.
Во врска со лобирање за парламентарна поддршка за предлог-решение за името на државата на дијалогот „Жан Моне“ во Охрид, првиот претседател на македонското собрание, Стојан Андов, смета дека таквите настани се добра можност да се разјаснат многу работи.

– Тоа е функцијата на дијалогот, на таквите поголеми настани – да се разјаснат некои работи, да се приближат некои ставови. Иако темата на дијалогот „Жан Моне“ е посветена најмногу на унапредување на работата на Собранието, тоа е добра можност и обврска на учесниците секоја можност да ја искористат и за решавање или разјаснување и на други актуелно политички предизвици. Секое приближување на ставовите, претставува успех – смета Стојан Андов.