Пред два дена, само во еден ден во јавноста излегоа две анкети, и тоа со дијаметрално различни прогнози. Едната со резултати дека предност и победа на изборите би освоила коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ, а другата со предност на коалицијата на СДСМ. Дали и колку ваквите нарачани анкети ја отсликуваат реалноста или, пак, се дел од пропагандната алатка на партиите за моделирање на јавното мислење

Испитувањата на јавното мислење се редовна практика пред секој изборен процес кај нас, но и во светот. Тие треба да дадат некаква слика за општото расположение на граѓаните за довербата кон политичките партии и, генерално, да бидат некаков барометар на прогноза кој би можел да ги добие изборите. Промената на расположението на јавноста може да се случи во зависност и од понудите и настапот на политичарите за време на изборната кампања, па затоа проверката на јавното мислење може да се прави неколкупати пред и за време на изборниот процес. Но колку една анкета е релевантна зависи и од авторитетот на агенцијата што ја прави. Досегашното искуство со анкети во Македонија покажа еден тренд во кој одредени агенции воспоставија некаков авторитет, но и агенции што на еден или на друг начин служеа како продолжена рака на партиите.

Ако се анализираат анкетите за овие избори, тогаш единствен веродостоен параметар најверојатно е изедначеноста на рејтинзите на партиите. Пред два дена, само во еден ден во јавноста излегоа две анкети, и тоа со дијаметрално различни прогнози. Едната со резултати дека предност и победа на изборите би освоила коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ, а другата со предност на коалицијата на СДСМ. Во случајот станува збор за анкети што се правени за потребите на овие партии. Но клучната дилема што ја интересира јавноста е дали и колку може да им се верува на испитувањата на јавното мислење, особено во ситуација кога, реално, рејтинзите на партиите претенденти за власт се изедначени? Дали овие анкети ја отсликуваат реалноста или, пак, се дел од пропагандната алатка на партиите за моделирање на јавното мислење? Колку на граѓаните одредена анкета може да им го смени мислењето или убедувањето и да им наметне да гласаат за одредена политичка партија?

Аналитичарот Владимир Божиновски вели дека анкетата покажува какво е расположението на народот, тие треба да им помогнат на политичките партии, да им покажат дали кампањата им е добра, дали имаат прифаќање од страна на гласачите или немаат, какви се нивните програми.
– Луѓето не одлучуваат да гласаат врз база на одредена анкета, туку на пример како се справува државата со корона-кризата, каква е економската состојба во државата. Токму врз база на тоа гласа народот. За да се види колку се релевантни тие куќи што ги прават анкетите, на 16 јуни, по завршувањето на изборите, медиумите треба да направат еден пресек, анализа, со што ќе се види која анкета е релевантна, а која не е. Нерелевантно објавена анкета му штети најмногу на тој што ја објавил – објаснува Божиновски.

Според него, анкетите што тој ги подготвува со изминатите изборни циклуси покажале дека соодветствуваат со она што се случува на терен и со крајниот резултат.
– Секој треба да си стои зад она што го објавил. Ако не го прави тоа, тогаш кредибилитетот на институцијата што ќе ја направи анкетата оди во вода -посочува аналитичарот.
Политичкиот аналитичар Петар Арсовски, пак, смета дека граѓаните знаат да уважат одредена анкета, зашто гласачите најчесто сакаат да гласаат за победникот и сакаат да се приклонат на победникот.
– За да биде релевантна една анкета, мора сѐ точно да се прецизира во неа. Некоја агенција не покажува кој ја спровел анкетата. Можна е манипулација со бројките, со примерокот, со прашалникот, со статистичките методи, но најголема грешка е тоа што нема попис во земјава и не знаеме од која група колку испитаници треба да се вклучат. Најчесто странските агенции многу внимаваат на методологијата и тие анкети би ги сметал за релевантни – посочува Арсовски.

Според него, кога се објавуваат повеќе анкети со различни податоци, на граѓаните им е тешко да направат разлика која анкета е точна, а која не е.
– Не може двете анкети да бидат точни, не можеме да бараме средна вредност -вели Арсовски.
Националната американска агенција за испитување на јавното мислење „Асоцијацијата Меклефлин“ објави анкета за претстојните парламентарни избори во Македонија. Анкетата е направена минатиот месец за потребите на партијата ВМРО-ДПМНЕ, на примерок од 5.901 избирач. Според резултатите, ВМРО-ДПМНЕ ќе оствари победа во пет од шесте изборни единици. На прашањето за кого би гласале на претстојни избори, 29 отсто од анектираните одговориле за ВМРО-ДПМНЕ, 27 отсто за СДСМ, ДУИ добила поддршка од осум отсто од анкетираните и шест отсто би освоила Алијансата на Албанците.

Последното истражување на агенцијата „Брима галуп“, спроведено од 5 до 14 јуни годинава на 1.202 испитаници, покажува дека СДСМ е водечка партија во согласност со поддршката на испитаниците. На прашањето доколку се одржат парламентарни избори денес, за која политичка партија или коалиција ќе гласате, 18,7 отсто од граѓаните одговориле дека ќе гласаат за СДСМ. На второ место е ВМРО-ДПМНЕ, со поддршка од 15,1 отсто од граѓаните. Разликата е 3,6 отсто во полза на СДСМ. Потоа, ДУИ добила 8,2 отсто поддршка, зад неа се наоѓа Алијансата за Албанците со 4,9 отсто, додека движењето БЕСА, иако на овие избори настапува заедно со СДСМ, има одделна поддршка од 2,6 отсто. Доколку овие проценти се додадат кон поддршката на СДСМ, разликата меѓу коалицијата СДСМ-БЕСА и ВМРО-ДПМНЕ ќе биде 6,2 отсто во корист на коалицијата што ја предводи Зоран Заев.

[email protected]