Јавниот став на Вашингтон за поддршка на нашата земја е повеќе од добредојден во моментов, иако тој нема да биде пресуден кога станува збор за ЕУ, бидејќи, сепак, САД не се дел од Европа

Колку САД можат да влијаат врз европските држави и да ги убедат нивните политичари дека Македонија е подготвена за почеток на преговорите со Европската Унија. Оваа дилема е особено актуелна во пресрет на самитот на Европскиот совет што треба да се одржи на крајот од јуни, а на кој треба да се утврди датум за отворање преговори на нашата земја со ЕУ. За потсетување, во изминатите години Македонија во исклучително поларизирана клима меѓу народот и со големо негодување на граѓаните ги испорача сите правни и политички чекори што ги очекуваше од нас меѓународната заедница. Во тој период, под силно влијание на политичките елити во Вашингтон и во Брисел, што најмногу беше видливо за време на промената на името на земјата, кога државата ја посети највисоката светска елита, властите во Скопје ги потпишаа критикуваните договори со Грција и со Бугарија, кои според најавите требаше практично да ни го загарантираат членство во НАТО и во ЕУ.

Но ветувањата на американската и на европската политичка елита се разликуваат и, најверојатно, нема да се случат во целост. Односно, ќе се исполни само заложбата за членството во НАТО благодарејќи на силното влијание на САД, која истовремено е доминантна држава во сојузот и наш стратегиски партнер, а, за жал, истото тоа нема да се случи со нашето зачленувањето во ЕУ.

Иако во целиот турбулентен период за македонската политика политичарите од ЕУ и од САД кога пристигнуваа во Македонија носеа исти пораки за охрабрување на земјата во напорите, сега е очигледно дека европските државници не дејствуваат како американските.

Во тој правец, за исполнување на ветувањата на европските политичари можеби може да се протолкува и посетата на премиерот Зоран Заев на Германија каде што тој се сретнa со канцеларката Ангела Меркел.
Од друга страна, минатата недела Филип Рикер, заменик-помошник државен секретар за Европа и Евроазија и поранешен американски амбасадор во Скопје, во својство на сведок пред Комисија за надворешни работи на американскиот Сенат, изјави дека администрацијата во Вашингтон е убедена дека Македонија е на вистинскиот пат за зачленување во ЕУ и дека претпристапните преговори на земјата со Брисел треба да започнат што поскоро.

– Македонија сработи одлично и продолжува на тој пат, затоа сум убеден дека нема да подлегне на некаква дестабилизација со непотребни политички игри. Ова е процес што треба да се истурка докрај и САД се убедени дека земјата ќе стане 30-та членка на НАТО, и мошне брзо ќе влезе во процесот за полноправно членство во ЕУ – изјави Рикер.

Еден ден претходно, американскиот амбасадор во Атина, Џофри Пјат, рече дека САД и Грција заедно работат на тоа „Македонија веќе годинава да ги почне преговорите за членство во ЕУ“. Минатата недела пак и Стејт департментот го охрабри Брисел да почне преговори со Македонија. Заменик-помошник државниот секретар Метју Палмер во интервју за Гласот на Америка ги охрабрува македонските граѓани да имаат верба во процесот.

– Знам дека има одредени проблеми поврзани со времето на носење одлука во Бундестагот. Не знам дали фокусот ќе биде да се донесе одлука во јуни или евентуално во јули, зависно од внатрешните процедури на Бундестагот. Сепак, САД се надеваат и го поддржуваат Европскиот совет да ги отвори пристапните преговори – рече тој.
Во сублимиран заклучок, експертите со кои се консултиравме велат дека иако Америка силно лобира за македонско членство во ЕУ нејзиниот глас, иако се цени, не е пресуден и не се слуша во Европа.
Дипломатот Огнен Малевски вели дека има една круцијална разлика во влијанието на САД, кои се наши најголеми партнери во НАТО и во ЕУ.
– За разлика од ЕУ гласот во НАТО на Америка тежи двојно бидејќи таа е основач на Алијансата, нејзин промотор и главен двигател. Па токму од таа поставеност на работите можеме да сфатиме зошто нашата држава во процесот на исполнување на евроатлантските аспирации подобро поминува во Алијансата отколку во ЕУ – вели Малевски.

Тој додава дека, сепак, јавниот став на САД за поддршка на нашата земја е повеќе од добредојден во моментов, иако тој нема да биде пресуден кога станува збор за ЕУ од проста причина што Америка не е дел од Европа.

– Јас верувам дека мислењето на САД ќе биде земено предвид кога европските држави ќе ги носат своите одлуки, но исто така сум сигурен дека сепак сето тоа е внатрешна одлука на Унијата и американското лобирање нема да има тежина. Од таа гледна точка, јас лично верувам дека сѐ што можеме сами да направиме на нашиот пат кон ЕУ, треба пред сѐ да биде темелено на нашите успеси и спроведувања реформи, а не на помошта од меѓународната заедница. Дополнително добро е што во овој момент државниот врв и опозицијата истовремено лобираат кај европските партнери за наше членство во ЕУ и тоа најверојатно ќе даде плод, само прашање на време е кога тоа ќе се случи дали кон крајот на оваа или почетокот на следната година – резимира Малевски.

Професорката од Правниот факултет од Институтот за политички науки, Ана Чупевска, пак, смета дека имајќи предвид дека сме во стратегиско партнерство со САД, оправдано е да очекуваме дека ќе добиеме максимална поддршка за нашите интеграции.
Според Чупевска, особено е битно што САД се свесни за нашата улога во регионалната безбедност, која несомнено е прашање од интерес и на Унијата и оттука, и очекува и верува дека сето тоа евентуално ќе резултира со плод, иако таа не мора да биде видливо во овој момент за пошироката јавност.

[email protected]