Европската Унија да го задржи силното присуство на Западен Балкан за остварување на јасниот интерес – воведување на цел Балкан во ЕУ, повика вчера шефицата на европската дипломатија во заминување Федерика Могерини.

– Убедена сум, доколку не го сториме тоа, дека ќе зажалиме веќе за неколку години – порача Могерини во своето обраќање на годишната конференција на амбасадорите на земјите-членки на ЕУ, во Брисел.

Таа оцени дека влезот на Западен Балкан во ЕУ е прашање на повторно обединување на целиот европски континент и дека тоа му е потребно како на Балканот така и на ЕУ.

– Имаме јасен интерес да го воведеме цел Балкан во ЕУ. Сите знаеме дека тоа е долг, комплициран, секогаш интересен и разигран процес, што ќе бара доста време, решавање проблеми и многу политичка посветеност од сите страни и одлучност – рече Могерини, наведувајќи го примерот со прашањето за името на Македонија и оценувајќи дека тоа се постигнало со залагањето на Атина и на Скопје, но и со константна поддршка и охрабрување од Унијата.