Фото: Игор Бансколиев

Поради малиот број екипи, мисијата на ОДИХР не работеше по прецизно утврден распоред, односно процената за посетите на избирачките места се вршела во текот на теренските активности

Поради специфичниот амбиент условен од пандемијата на коронавирусот, во кој се одвиваа вчера 10-те парламентарни избори во Македонија, и вообичаено многубројната набљудувачка мисија на ОБСЕ/ОДИХР од претходните изборни циклуси овој пат беше сведена на оперативен минимум од девет члена. Всушност, основниот тим се состои од девет члена од девет земји-учеснички во ОБСЕ, додека за тековниот формат на Специјалната мисија за процена на изборите, распоредена во Македонија, има акредитирано 26 набљудувачи, во кои спаѓаат меѓународните експерти и националниот персонал за поддршка.
Во текот на изборниот ден, деветтемина оперативни набљудувачи беа организирани во четири-пет мобилни тимови, кои настојуваа да поминат повеќе избирачки места во неколку реони низ земјава. Токму поради малиот број екипи, мисијата на ОДИХР не работеше по прецизно утврден распоред, односно процената за посетите на избирачките места се вршела во текот на теренските активности. Наедно, во екипирањето за на терен се труделе да се запази принципот на присуство на двајца набљудувачи од мисијата во мобилната екипа (во која има и преведувачи и персонал за техничка поддршка). До 16 часот, во текот на изборниот ден, екипите на ОДИХР поминале во повеќе избирачки места во Скопје, Тетово, Гостивар, Куманово, Велес, Штип…, а до крајот на избирачкиот ден беше планирано да се проследи текот на изборниот процес уште во некои реони во Македонија.

Во принцип, поради немешање во изборниот процес, од мисијата на ОДИХР не даваат изјави во текот на изборниот ден, а овој пат дополнителен аргумент за придржување до таквиот принцип е и мотивацијата да се избегнат поголеми групирања на прес-конференции и придржување на безбедносните протоколи за заштита од евентуално ширење на заразата. Сепак, мисијата ќе излезе со прелиминарни наоди и заклучоци во врска со изборниот процес, денеска, на 16 јули, на прес-конференција во 15 часот, во скопскиот хотел „Мериот“.
– Набљудувачките мисии на ОДИХР се посветени на принципот на немешање и затоа не издаваме процена пред денот на изборите, но на 16 јули ќе издадеме изјава за прелиминарните наоди и заклучоци во врска со изборниот процес. Истиот ден ќе одржиме прес-конференција на која ќе ги презентираме овие наоди. Нашиот конечен извештај ќе биде објавен околу осум недели по денот на изборите, со заклучоци и потенцијални препораки – вели Лаима Андрикиене, шеф на Специјалната мисија на ОДИХР во земјава.

Еден од неофицијалните впечатоци на екипите на ОДИХР за изборниот ден е дека во голема мера биле почитувани здравствено-заштитните протоколи на избирачките места, за дезинфекција и носење маски, дури и во руралните средини.
Специјалната мисија за процена на изборите ја започна својата работа во Скопје на 22 јуни, т.е. пред официјалниот почеток на изборната кампања, а ќе биде распоредена до 23 јули.
Аналитичарите на ОБСЕ/ОДИХР опфаќаат теми што вклучуваат: изборна администрација, регистрација на избирачите, политичка кампања и финансирање на кампањата, медиумско покривање на изборите, поплаки/жалби и механизми за решавање спорови и целокупната правна рамка за изборниот процес. Според Андрикиене, мисијата вклучува и сеопфатен мониторинг на медиуми во текот на периодот на кампањата, што ќе придонесе за процена на кампањата.