Низ текот на редовната комуникација со Бугарија има континуирана размена на мислења и на идеи, за надминување на разликите, информираат од Министерството за надворешени работи (МНР).

Од таму нагласуваат дека двете страни често споделуваат предлози и видувања во кои ги посочуваат и објаснуваат своите позиции.

– Последен од низата е Акцискиот план за спроведување на обврските од Договорот за пријателство, кој е предлог од наша страна, а за кој очекуваме овие денови да добиеме одговор или забелешки и предлози од страна на Бугарија – се наведува во соопштението на македонското МНР од каде додаваат дека министерот Османи неделава остварил комуникација со бугарската колешка Екатерина Захариева.

Како што појаснуваат од ресорното министерство, целта е да се најде начин за зајакнување на имплементацијата и ефикасноста на Договорот за пријателство од 2017 година.

– На тој начин ќе се врати довербата и во самиот Договор и во процесот на дијалог меѓу двете земји за отстранување на разликите, како што доликува на две пријателски соседни земји во Европа – стои во соопштението во кое се додава и дека очекувано е во наредниот период специјалниот претставник Владо Бучковски да оствари чести патувања на релација Скопје – Софија.