Во исчекување на 15 октомври, кога земјава треба да добие датум за почеток на преговори за членство во Унијата, во јавноста кружат разни сценарија и информации дека Македонија многу веројатно нема да добие целосно чист датум од ЕУ следниот месец. Според дипломатски извори, надвор но и внатре во државата, Брисел многу веројатно подготвува терен на македонската јавност да ѝ соопшти дека постои опасност од недоделување чист датум за почеток на преговорите следниот месец. Претпоставките се дека е можно да дојде до повторно одолжување и пакување на некакво ново „хибридно“ решение за Македонија во однос на датумот, кое би ни се претставило подоцна годинава, во зависност од реформскиот напредок на земјава. Во таа насока, но и какви се очекувањата на македонското министерство за надворешни работи, во однос на претстојната одлука на Европскиот совет, кога треба да се додели датумот за почетокот на пристапните преговори со ЕУ, побаравме став од ресорното министерство. Оттаму за „Нова Македонија“ ни соопштија дека МНР вложува максимални напори за натамошна испорака на резултати, особено во областа на владеењето на правото, кои ќе послужат како дополнителни аргументи кај земјите-членки за обезбедување на нивната поддршка за следниот месец.

– Конкретно, од Европскиот совет очекуваме во октомври да донесе одлука за почеток на пристапни преговори со Република Северна Македонија. Оваа одлука е еден од суштинските чекори во пристапниот процес, која значи дека земјата и формално преминува во нова фаза во пристапувањето кон ЕУ и започнува еден структуиран процес со конкретна крајна цел – полноправно членство во Унијата. По носењето на одлуката, Европската комисија ќе може да започне со подготовка на преговарачката рамка и ќе се закаже првата Меѓувладина конференција на која и формално ќе се отворат преговорите. Нашата амбиција, секако, е ова да се случи што поскоро – велат од МНР.

Од друга страна, на прашањето дали Македонија може да не добие прецизен датум за почеток на преговорите со ЕУ како што се шпекулира во домашната но и во странската јавност, од МНР ни одговорија дека тие се фокусирани на најдоброто сценарио, односно добивање одлука за почеток на преговорите во октомври, преку што ќе обезбедиме сигурност и просперитетна иднина на нашата земја.
– Нашиот фокус и напори се насочени кон тоа во октомври Европскиот совет да донесе одлука за почеток на пристапните преговори. Сегашната ситуација и очекувања во никој случај не може да се споредат со состојбите во земјата пред две години, кога и самата Европска комисија ја услови препораката заради фактот што оцени дека демократијата и владеењето на правото се постојано соочени со предизвици, особено како резултат на заробеноста на државата, која влијае врз функционирањето на демократските институции и областите од клучна важност за општеството – велат од МНР.

[email protected]