Фото: Дарко Андоновски

Малформациите на политиката во политикантството кај нас ги деформираат и младите во нивните политички мислења и ставови. Ако на тоа се додадат и вкалапувањето на младите во партиски матрици и задушувањето на нивните прогресивни размислувања, добиваме партиски апаратчици, а не лидери

Има ли Македонија свои млади лидери, кои би ја воделе државата во подобра иднина, по што се препознатливи овие луѓе, каде се, дали и колку се видливи и препознатливи пред јавноста, по што се истакнале досега и кој е ефектот од нив и нивната стручност.

Овие прашања и дилеми се наметнуваат во домашната јавност и во пресрет на политичките случувања по повод претстојните претседателски избори и сѐ уште неизвесни парламентарни избори, но уште повеќе и од гледна страна на традиционалната манифестација „Школа за млади лидери“, која веќе 10 години се одржува во нашата држава. Во просек бројот на ученици само на оваа школа е по околу четириесетина што значи дека за изминативе 10 години низ неа поминале близу 400 потенцијални лидери. Но школи и разни предавања за создавање лидери во земјава се организирале и биле поддржувани и во различни други форми, партиски структури, невладин сектор, образовни институции, странски фондации итн.

Па тогаш каде се сите овие школувани лидери и кој е нивниот ефект?!
Во сублимиран заклучок експертите објаснуваат дека политиката во Македонија ги прегазува младите лидери и не им дозволува тие да ги истакнат своите прогресивни ставови, а во исто време на одговорните државни позиции се поставуваат единствено партиски послушници, кои ја следат волјата на лидерот и се зависни од партијата и гласачката машинерија.

Универзитетскиот професор и политиколог, Ненад Марковиќ, актуелната состојба во која се чини дека во општеството и генерално во политиката се чувствува дека изостануваат нови кадри и млади лидери ја објаснува со фактот дека сето е повратен ефект на штетното влијание на политичките партии со кој се уназадени и се искомпромитирани дејствувањата на новите кадри уште од самиот почеток.

– Ако се погледне состојбата во Македонија ќе се забележи дека најголем дел од политичките партии во земјата, а особено ВМРО-ДПМНЕ кога беше на власт, форсираа млади и нови кадри во своите дејствувања, но тоа тие не го чинеа бидејќи ги вреднуваат нивното мислење, стручност и експертиза туку бидејќи на таков начин се формираше систем на послушност и клиентелизам од страна на младите лидери кон партиите – вели професорот.

Тој истакнува дека е сосема нормално за еден млад човек, кој ќе започне да се занимава со одредена професија, да му недостигаат искуство, вмреженост и контакти, а токму поради тие причини партиите го искористуваа овој момент и младите луѓе ги поставуваа на функции за потоа тие да зависат од нишката на партиите, а со тоа и да станат послушници во дејствувањето на постарите политичари.

Професорот објаснува дека сепак во целата состојба има битна разлика во тоа во кој дел од општествениот живот е возможно на одговорни функции да се постават млади лидери и политичари.

Марковиќ објаснува дека нема никаква пречка во тоа младите политичари да дејствуваат во парламентот, бидејќи е нормално со нивните идеи и мотивација тие таму да ги заштитуваат интересите на своите врсници во државата.

Тој вели дека проблемот настанува во делот кога тие (младите) ќе бидат поставени на извршна функција, каде што се јавува и нормалниот хендикеп од нивното неискуство и нестручност што, пак, резултира со големата веројатност тие да бидат искомпромитирани од партиските машинерии.

– Од сето наведено јас верувам дека младоста во кадровските решенија условно кажано не мора секогаш да е мотив дека одредена личност може да има капацитет да биде добар лидер и притоа политичар во нашата државата – резимира професорот.

Димитар Димитров поранешен министер за образование во првата експертска влада на Република Македонија, во своја колумна насловена „Изборот на лидерот“ пишува дека лидерот во својство на предмет, во контекст на македонската транзиција и политика, добива описна екстерна оцена „многу власт во детски раце“.

Димитров во свој осврт на оваа состојба истакнува дека ориентацијата кон млади лидери се чинела близу умот во периодот кога се вршел преминот на Македонија од членка на комунистичката федерација во самостојна демократска држава, иако тоа, според него, не одело толку спонтано, природно како пролетното разлистување.
Димитров уште нагласува дека со овој процес на почетокот на нашата независност сме добиле симбиоза од претседател пензиониран претставник од врвот на режимот и „деца“ партиски лидери и премиери, а сето било проследено со една друга симбиоза на некомпатибилни институционални системи.

Во меѓувреме, во Македонија во оваа област десетина години функционира и Школата за млади лидери, која е под патронат и иницијатива на претседателот на државата Ѓорге Иванов.

Според она што е објавено на веб-страницата на претседателот на државата, Школата за млади лидери првпат профункционирала во 2010 година, како дел од изборната програма на претседателот Иванов и таа досега редовно се организира секоја година.
– Мисијата на школата е да ги стимулира позитивните вредности кај младите лидери и идни политички, културни и економски предводници на нашата земја, но и да го развие нивниот капацитет за справување со предизвиците на глобалната технологија, меѓународната конкуренција, и културната и религиска диверзификација. Програмата опфаќа предавања и обуки во сферите на лидерството и менаџментот од страна на еминентни предавачи и гости од врвни образовни и професионални институции, политичари и парламентарци од европски земји, амбасадори, министри, претседатели на успешни компании и бизнис-групации. Визијата на Школата за лидери, како тренинг-центар со високи стандарди и со обврска за интегрирање на модерното политичко, научно и технолошко знаење и вештини, е базирана на почитување на основните човечки вредности. Поставување нов модел во едуцирањето лидери, развивање на нивната личност и лидерските вештини, кој ќе креира чувство на одговорност и реакција кон сето она што ги опкружува во средините во кои живеат и работат – се вели во текстот што ги објаснува функцијата и целта на овој проект и е објавен на страницата на претседателот на државата.

Вчера започна десеттата Школа за млади лидери под покровителство на претседателот Иванов