Фото: Игор Бансколиев

Различни аспекти и толкувања на последната одлука на претседателот на САД за Балканот

Со инструментот за проширување на санкциите, Вашингтон ја практикува својата добропозната стратегија за „заштита на виталниот национален интерес на Америка далеку од своите граници и територија“, без оглед што тоа понекогаш претставува мешање во внатрешните работи на една земја. Некогаш ваквите одлуки и практики на големите се наспроти меѓународното право и националните интереси на помалите земји, како на пример Македонија, кои се доведуваат во ситуација беспоговорно да се покоруваат на интересите на големите држави, без оглед на цената што ја плаќаат

Последната одлука на американскиот претседател Џо Бајден да го продолжи важењето на санкциите за поединци и организации од земјите од Западен Балкан, како и дополнително да ги прошири врз сите оние што ќе ги опструираат договорите зад кои застанале САД, како Преспанскиот и Охридскиот рамковен договор, не е ништо друго туку класичен пример на ставање инструмент во функција на националните интереси на една глобална сила, ставени во контекст на добропознатиот стратегиски концепт на САД за „одбрана и заштита на националните американски интереси“ далеку од територијата на американската држава. Имено, со инструментот за проширување на санкциите, Вашингтон ја образложува потребата од заштита на виталниот национален интерес на Америка, без оглед што тоа понекогаш претставува мешање во внатрешните работи на една земја. Некогаш ваквите одлуки на „големите“ се наспроти меѓународното право и националните интереси на помалите земји, како Македонија, кои се доведуваат во ситуација беспоговорно да се покоруваат на интересите на големите држави, без оглед на цената што ја плаќаат.

Аргументите на силата на посилниот

Повеќе од јасно е дека САД и ЕУ се глобални играчи и тие бескомпромисно влегуваат во остварување на своите стратегиски цели. Историските лузни што потоа остануваат на други колективитети, односно врз помалите нации, во контекст на нивните геостратегиски интересни сфери и глобализацијата, се најмалку важни. За таквите крупни интереси, една Преспанска спогодба е одлично решение за да има еден проблем помалку на Балканот, но без да се води сметка за импактот кон Македонците, името, идентитетот или историјата. Единствено важно е да се има стабилен терен од повеќе аспекти (безбедносно- политички пред сѐ), каде што ќе имаат свое влијание, спречувајќи тука да се мешаат други и спротивни интереси (големи сили, блокови или држави).

Професорот Игор Јанев, научен советник во Институтот за политички науки во Белград, е доста отворен, недвосмислен и уверен во своите ставови.
– Ова што го прават САД ми личи на една варијанта модерен холокауст во сфера на идентитетот (името на државата и народот/нацијата, името на националната култура и јазикот, односно името што е систематски негирано и поништувано од власта и надворешниот фактор во сите области од науката до образованието, итн… и во сите други допирни области од културата и свеста на народот, па дури и пошироко во сите случаи каде што треба да се одреди идентитетот на нацијата, народот и културата на еден народ) – е ставот на Игор Јанев, научен советник во Институтот за политички науки во Белград.

Потврда дека има низа случаи во практиката кога интересите на големите сили се спротивни на меѓународното право е и пресудата на Меѓународниот суд на правдата, која иако беше во полза на Македонија, не се спроведуваше, бидејќи на поголемите сили Грција им беше многу поважна и по никоја цена не сакаа да ја изгубат како стратегиски партнер. Тоа само потврдува дека едноставно меѓународното право како да ја губи битката со „аргументите на силата и посилниот“ од страна на големите сили.

САД се враќаат на голема врата на Балканот

Сега САД се враќаат на голема врата на Балканот и со заканите за санкции јасно ставаат до знаење дека повеќе не сакаат нестабилност во регионот и палење нови огнови, за кои потоа ќе мора да трошат свои ресурси за да ги гаснат. Од друга страна, „смирениот и под контрола Балкан“ им овозможува добар пазар, кој ќе консумира наменски производи, технологија, енергенти, како и ноу хау, и истиснување на источното влијание на овие простори.
– Грците должеа 340 милијарди евра, им простија едно 200 милијарди, а Ципрас не е толкав алтруист да помага да се реши спорот со Македонија, туку едноставно седнаа на маса и рекоа дека стратегиски е ние да влеземе во НАТО, да не останеме енклава и така се случи. Сега исто ќе биде и со приемот во ЕУ. Ако се договорат големите играчи, ние секако сме маргиналци, ќе знаат како да ја решат работата – вели универзитетскиот професор Борче Давитковски.

Според него, ако Американците проценат дека тоа е нивен стратегиски интерес, ќе ги дисциплинираат и Бугарија и Македонија и ќе се дојде до решение.
– Бугарија и Романија влегоа и во НАТО и во ЕУ затоа што тоа беше стратегиски интерес на големите сили, оти овие две земји се првата линија на одбрана од Истокот, а не затоа што беа подготвени. Тие и денес не се подготвени – додава Давитковски.

Поранешниот дипломат Драган Јањатов во потегот на администрацијата на Бајден за проширување на санкциите за поединци и организации што работат спротивно на Преспанскиот и Охридскиот договор ја препознава намерата на Америка да ги решава работите на свој начин.
– Потегот на Бајден зборува дека морковите се потрошени и дека сега стапот е на ред. Тоа само по себе за Македонија е навредливо, бидејќи значи дека како суверена држава не може сама да се справи со еден проблем, што е нонсенс. Она што го порачуваат САД сега е: не ги решивте работите со моркови, затоа ќе добиете стап – смета Јањатов.

Тој додава дека главен мотив за ваквиот чекор на американската администрација е македонското и албанското назадување во евроинтеграциите.
– Тие сега не можат да ги разделат двете земји, а на САД повеќе им е битно Албанија да оди кон ЕУ отколку Македонија. Не успеавме тоа да го решиме како една сериозна држава и сега ќе ја платиме цената за тоа – вели Јањатов.