Невработеноста на младите во земјите од Западен Балкан генерално е висока. Во нашата земја, пак, таа е двапати повисока од просекот во ЕУ

Невработеноста кај младите како повод

Колку младоста е предност или пречка при вработувањето на младата популација во Македонија? Дилемата стана актуелна во домашната јавност кога беа објавени податоците на коалицијата на младински невладини балкански организации „Сега“, во форма на документ со препораки за подобра интеграција на младите во процесот на образованието, насловен НЕЕТ. Во него се истакна дека невработеноста на младите во земјите од Западен Балкан генерално е висока. Во нашата земја, пак, таа е двапати повисока од просекот во ЕУ! Во документот се наведува дека најголемиот дел од младите, или 36,6 проценти се долгогодишно невработени, а од нив, најмногубројни се жените на возраст меѓу 25 и 29 години што потекнуваат од рурални средини и се со низок степен на основно образование.
Истражувањата, пак, на Светската банка на оваа тема покажуваат дека во Македонија младите поминуваат, во просек, по две и пол години од дипломирањето до моментот додека најдат стабилна работа, со која тие се најчесто задоволни.
Според Светската банка, токму чекањето работа ги намалува шансите за вработување. Организацијата во својот последен извештај на оваа тема за Македонија предупредува дека седејќи дома и не наоѓајќи работа по неколку години, младите немаат можност да се стекнат со некое искуство што ќе им даде предност при секое наредно вработување и дополнително ги губат и тие вештини што ги имале на почетокот.

– Многумина од младите ќе се обесхрабрат да најдат работа ако чекаат работа во просек пет години – стои во анализата на Светската банка за системската дијагноза за Македонија.
Во меѓувреме, познавачите на случувањата забележуваат повеќе фактори зошто состојбите се такви какви што се, со висока стапка на невработеност кај младите.
Аналитичарот Мартин Јовановски вели дека високата невработеност кај младите е нуспроизвод на лошите економски услови што егзистираат кај нас, на лошото образование и на немањето системски решенија за надминување на овие несакани состојби.
Јовановски вели дека кај развиените економии, младите кадри се првите што се вработуваат во компаниите во неколку фази, почнувајќи од платеното волонтирање, па до стипендирањето за работа во ексклузивни економски гранки на најдобрите студeнти.
Според него, кај нас, спротивно од логиката на „нормалните“, првото вработување на младите е во рангот на сивата економија, каде што честопати тие непријавени и неплатени од работодавците ги минуваат своите први работни искуства.
Во своја колумна на темава, проф. д-р Марија Топузовска Латковиќ пишува дека неуспехот младите луѓе да се интегрираат во светот на работата има пошироки последици, пред сè врз идниот просперитет и развој на земјите.
Според неа, невработеноста на младите, како и ситуациите во кои младите луѓе се обесхрабруваат и се откажуваат од потрагата по работа, или пак прифаќаат да работат во несоодветни работни услови, несомнено предизвикува загуба за економијата, општеството и самите млади луѓе.

– Невработеноста на младите е поврзана и со социјално исклучување, бидејќи тешкотијата да се најде работа создава чувство на ранливост, маргинализираност и бескорисност кај младите луѓе. Особено ако се има предвид дека луѓето сопствената вредност ја остваруваат преку социјалните улоги со кои партиципираат во општеството, а занимањето остварено преку работата е една од најзначајните општествени улоги. Дополнително, врз младите луѓе во оваа деликатна биолошка возраст, полна со надеж и возбуда во врска со очекувањата за иднината, на патот кон нивната (финансиска) независност се испречат многубројни бариери уште на самиот влез, многу веројатно е дека тоа ќе предизвика фрустрација, стрес и негативни чувства за себеси и опкружувањето – пишува таа.
Дамјан Николовски, претседател на Националниот младински совет, во својата последна изјава на оваа тема вели дека на работодавците не им се допаѓа она што го гледаат кај младите кога првпат ќе ги вработат, сакаат веднаш готов кадар, а на младите пак, од друга страна, им е потребно искуство за да можат да станат готов продукт, така што постојано се вртиме во еден магичен круг.
Според Николовски, причини за младинската невработеност во голема мера се економскиот систем и промените во светот, но и образованието и транзицијата на младите од образовниот систем на пазарот на трудот, која, како што истакнува, не секогаш оди мазно и често знае да им направи проблем на младите.

[email protected]