Премиерот на Грција, Кирјакос Мицотакис денеска е во посета на Берлин каде ќе се сретне со германската канцеларка, Ангела Меркел и со заменикот канцелар и министер за финансии, Олаф Шолц.

Теми на состанокот ќе бидат економијата, инвестициите и бегалската криза.

Портпаролот на грчката Влада Стелиос Пецас деновиве на прес-конференција, запрашан за тоа дали Договорот од Преспа е тема на средбите, одговори дека нивните позиции, како и позициите на нивните партнери се познати во однос на политиката на Западен Балкан и за соседите.

Мицотакис знае дека неговото отфрлање на мерките за штедење за време на администрацијата на СИРИЗА, како и неговото спротивставување на Договорот од Преспа не ја воодушевија канцеларката, бидејќи тоа придонесе за судир со нејзините позиции насочени кон Грција и нејзините стратешки цели за Балканот.

Сепак, тоа беше тогаш. Иднината се однесува на следните чекори за грчката економија, а во тој поглед најголема предност на Мицотакис е дека, во голема мерка, тој промовира реформи што се во согласност со филозофијата на христијанските демократи во Германија.

– Што се однесува до договорот за името од Преспа, Мицотакис ги има сите причини да го истакне својот став дека грчката надворешна политика е стабилна и оти тој ќе го почитува секој договор потпишан од претходната администрација – пишува „Катимерини“.