Претседателот на грчката опозициска партија Нова демократија, Кирјакос Мицотакис, упати остри критики кон грчкиот премиер, Алексис Ципрас, велејќи дека е „недостоен премиер“, кој го дели народот, поради неговиот став изразен пред Макрон и Анастасиадис дека оние кои учествуваа на демонстрациите против Договорот од Преспа се „екстремно десничарски популисти“, јави дописничката на МИА од Атина.

-Вчера, господинот Ципрас, повторно се осмели да ги навреди Грците. Оние кои реагираат за Договорот од Преспа, ги карактеризираше, не само како радикални десничари, туку и дека не размислуваат. И тоа го стори дрско и неодговорно пред странски лидери. А на господинот Заев, кој инсистира Скопје да го нарекува Македонија, не најде збор да му каже. Не е само малцински премиер. Тој е недостоен премиер, кој го дели народот. Грците ќе останат обединети, горди и достоинствени. И наскоро ќе му го дадат одговорот што го заслужува – порача Мицотакис.

На маргините на Самитот на земјите од Југот, што се одржа во Никозија, Алексис Ципрас, во разговор со францускиот претседател Макрон, рече дека на неодамнешните демонстрации во Атина против Договорот од Преспа протестираа „екстремно десничарски популисти“, а „мнозинството граѓани кои можат да мислат и да критикуваат, користејќи го нивниот ум“ го поддржуваат договорот.