Со паролата „Доле мафија, правда сега”, вечерва ВМРО-ДПМНЕ, го одржа протестот против неправдите, реваншизмот и политичкото насилство.

Протестот почна од Министерството за правда, а заврши пред Јавното обвинителство.

Пред собраните се обрати лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицоски кој рече дека не може мафијашката влада да вика дека сме правна држава, а никој да не одговара за криминал.

– Овие 4 години слушаме ветувања за правда, а гледаме само неправда – вели Мицкоски.

Тој во обраќањето се осврна и на работењето на Специјалното обвинителство, говорејќи за извештајот на ДЗР за ова обвинителство.

– Криминалците од СЈО украле ваши пари 4,6 милиони евра за додатоци на плата, а ништо не сработеа освен да посипуваат со пепел и да уценуваат луѓе за пари. Тие кои што требаше правда да донесат, крадеа ваши пари, пари на народот, тешко спечалени пари на народот – рече Мицкоски.

Обвини дека извештајот бил готов уште пред околу половина година, но бил држен во фиока за да не направи штета на Заев пред изборите.

– Можеа да се дадат 20 не 2 денари на лозарите од Тиквешијата. Можеа да се изградат 4 нови училишта, 5 нови амбуланти, но тие отидоа во џебот на чарлиевите ангели. Свесен сум денеска дека после оваа изјава ќе го навлечам сиот гнев на чарлиевите ангели и свесен сум дека активистите на ВМРО-ДПМНЕ, оние лојалните, чесните, честите кои што останаа со ВМРО-ДПМНЕ, не оние кои што му седат во скутот на Заев и плукаат против мене и ВМРО-ДПМНЕ, плукајќи против Македонија, коленичат за милост пред мафијата, туку оние чесните од утре ќе бидат повикувани овде, ќе се издржуваат врз нив. Ние ќе издржиме, ќе ги издржиме и чарлиевите ангели, ќе го издржиме и овој мафијаш на власт, ама ќе дојде денот кога правдата ќе ве стигне, доживеал јас или не. Тој ден ќе дојде јас ви ветувам – истакна Мицкоски.

Најави дека ВМРО-ДПМНЕ ќе поднесе кривична пријава, иако, како што рече, со обвинителството шансите за одговорност се мали. Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ спомена и дека „унапредувањето на Кацарска значи дека онаа што го гази законот, сега треба да го чува Уставот“.

Според Мицкоски не може да има владеење на правото додека целосно не се расветли случајот „Рекет“, но и да се расчисти како се пуштале луѓе од притвор за да гласаат во парламентот.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ истакна и дека во овие два месеци се случило да излезе извештај дека се потрошени над 8 милиони евра пари за службени автомобили, но ексминистерката Јанкуловска одговара за мерцедесот кој денес власта на Заев го вози.