Треба да тропнеме на вратите кои можеме да ги отвориме и да побараме поддршка за она што е заедничка стратегиска цел – одблокирање на патот кон ЕУ, истакна претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, во интервју за „Дојче веле“. Тој заедно со партискиот потпретседател Александар Николоски денеска заминува на средби со политичари од регионот и Европа. Мицкоски ќе оствари средба со унгарскиот премиер Виктор Орбан и словенечкиот премиер Јанез Јанша.

– Секоја средба има своја цел, но заедничко е тоа што на овие средби отворено ќе разговараме за блокираната европска перспектива на Македонија и можноста тие да помогнат во насока на придвижување кон европската иднина. Независно што ВМРО-ДПМНЕ е опозиција, сметам дека треба да се искористи сиот расположлив потенцијал да се направи своевиден притисок и да се придвижиме кон патот на ЕУ. Имаме две опции – или да се задушиме во домашни обвинувања за тоа кој шири лажни вести, а кој ја говори вистината, па да се спроведува операција со која ќе се сака да се прикрие анексот на Договор за кој јавно говори Бугарија, а гледаме дека власта во Македонија моли Бога да не се дознае. Или пак, втората опција е да не чекаме, да тропнеме на вратите кои можеме да ги отвориме, и да побараме поддршка за она што е заедничка стратегиска цел, а тоа е одблокирање на патот кон ЕУ. Притоа мораме да бидеме свесни дека сериозно како држава заостануваме во многу реформи – кажа меѓудругото Мицкоски во разговорот за „Дојче веле“.