Претседателот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, денеска, заедно со потпретседателот Александар Николоски, во Будимпешта оствари средба со премиерот на Република Унгарија, Виктор Обран.

На средбата, како што посочија од опозициската партија, станало збор за актуелната политичка и економска состојба во земјава, главните предизвици со кои таа се соочува, за стратешките интереси и перспективи, како и прашања поврзани за меѓусебна соработка на партиско ниво меѓу партиите на Мицкоски и Орбан во рамките на Европската народна партија.

Мицкоски посочил дека за ВМРО-ДПМНЕ исклучиво важни се европските перспективи кои, како што вели, се загрозени од неодговорната Влада на Заев. Во тој контекст претседателот на ВМРО-ДПМНЕ изразил загриженост поради криминалите и корупциските скандали со кои се соочува Владата на премиерот Заев, како и отсуството на правни разрешници на таквите криминални афери кои го загрозуваат функционирањето на правната држава, пренесуваат од опозициската партија.

На средбата станало збор и за песпективите за меѓусебна соработка особено во пресрет на Конгресот на Европската народна партија каде ВМРО-ДПМНЕ и партијата на премиерот Орбан се сестрински партии членки.

Мицкоски истакнал дека е за развој на меѓусебната соработка и афирмација на стратешките цели на Македонија.

Инаку, средбата со премиерот Орбан, која беше на државно ниво и со официјален пречек се случила во неговата официјална резиденција во замокот „Кармелита”, каде инаку унгарскиот премиер остварува редовни средби со премиери, претседатели и други високи гости.