фото Маја Јаневска-Илиева

Име со дугме не се брише, име со хартија не се менува. Тоа е она што сме, она што сме биле и она што ќе продолжиме да бидеме. А нека не заборават, секој кој тргнал против народ свој, народот ќе му се случи, порача денеска претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, во обраќањето на протестот против промена на името пресд Собранието.

– Ќе остане запишано дека оваа неправда на нашиот народ денес ја прават оние кои ветуваа живот, ветуваа брда и долини, оние кои ветуваа сè и сешто само за да се доберат до власта, измамнички, шверцерски, криминално и за да го направат тоа што се обидуваат да го прават денес –рече Мицкоски.

Тој го обвини премиерот Зоран Заев дека се пазари со името и идентитетот

– Погледнете колку јавно, колку само на отворена сцена се одвива ова пазарење со името и идентитетот, како на тезга како на див пазар, Заев признава дека ова гласање тука зависи само од судските случаи. Па има ли поголемо признание од ова? Не само што се пазари туку дека и обвинителството и судството му слугува на тоа пазарење – нагласи Мицкоски.

Според Мицкоски, власта името не го менува затоа што тоа носи подобра иднина туку го менуваат зошто вештачки спротивно на волјата на народот преку уцени и закани собраа 80 пратеници.

– Не затоа што два милиона народ одлучи за промена на името, туку затоа што Зоран Заев, човек без чест и достоинство собра во прва фаза 80 пратеника. Гледаме сега проблеми има па тргува ли тргува, се пенави и препелка секој ден – додава Мицкоски.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ вели дека се работи за пари.

– И нека не се фали Заев дека патот ко Европа ќе го одблокирал, дека ќе ни тргнело по промената на името и идентитетот. Не се работи за тоа. Се работи за пари, за пусти функции, фотелји, тендери, да продолжи црното владеење. Ете затоа ја предава и продава Македонија, за ништо друго. Каква пуста европска иднина – истакна Мицкоски.

Според него, Зоран Заев прави лузна и за генерациите што доаѓаат.

– ВМРО-ДПМНЕ и јас лично ќе сториме сè за овој договор што е во наша моќ да не се случи и неправдата да биде исправена. Тоа ќе биде моја заложба и јас ова прашање ќе го отворам во секоја прилика, во секоја можност, при секоја моја средба – рече Мицкоски.

Тој додаде дека не знае дали ќе успее во тоа, но најави дека ќе стори сèшто може.

– Северна не е мојата татковина. Можеби на Заев, но не и мојата. Не на народот. Наша е само Македонија, така и ќе остане – истакна лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.