Предвремените парламентарни избори и се потребни на Македонија и единствен логичен термин е заедно со локалните избори, истакна претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање дали може да се очекува предвремени парламентарни избори, како и дали има преговори со други партии.

Мицкоски рече дека разговорите се во тек и со опозициони и со партии од власта кои треба да размислат дали сакаат да бидат дел од најкорумпираната и најкриминална власт. Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ е дециден дека предвремените парламентарни избори и се потребни на земјава, но претходно треба да дојде Влада која ќе подготви рамен терен за тие избори за да се случат.

– Предвремени парламентарни избори и се потребни на Македонија и единствен логичен термин да не правиме дополнителни трошоци се и локалните избори. Мислам дека тоа треба да се случи и работиме на тоа да се случи, а претходно треба да дојде една влада која што ќе подготви рамен терен за тие предвремени парламентарни, локални избори, а не ваква корумпирана криминална и неспособна влада бидејќи морам да кажам дека не ги бива за работа не ги бива за проекти но затоа пак се светски шампиони според криминалот, корупцијата и би рекол матните идеи како да лажираат и поткупуваат за време на избори.

Затоа е многу важно да дојдат луѓе кој што тој процес ќе го одработат така како што е потребно односно како што велат законите и процедурата. Да! ВМРО-ДПМНЕ води разговори и со парламентарни опозициони партии, но и со парламентарни партии кои што се дел од власта, така што кога ќе имаме мнозинство во рамките на парламентот тогаш ќе излеземе во јавноста и тоа мнозинство ќе го презентираме.

Но, повторно ќе кажам секој оној кој што му мисли добро на македонскиот народ на граѓаните на Македонија на Македонија под итно треба да си го стави прстот на глава и да размисли дали неговата иднина е заедно со овие најкорумпирани и најкриминални политичари во историјата на Македонија или пак да бидат заедно на страната на народот, на чесната страна и да си ја спасиме државата. Тоа е она што јас можам да го кажам по тоа прашање – изјави Мицкоски.