Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски во вечерашното гостување на „Телма“, ги коментираше изјавите за добивање на можен датум за почеток на преговорите со Европската унија во декември, како и изјавите на Никола Димитров за добивање на датум во јануари.
Мицкоски рече дека тој инсистира добивањето на датум да се случи во декември бидејќи граѓаните на Македонија заслужуваат да го добијат тој долго посакуван датум, нагласувајќи дека Брисел не треба да си игра со чувствата на граѓаните.

– Во јануари не може да биде. Може да биде во декември и јас инсистирам да биде во декември бидејќи народот и граѓаните на Македонија, без разлика Македонци, Албанци, Турци, Власи, Срби, Бошњаци итн, доволно многу направија изминатите 30 години за да го добијат тој посакуван и заслужен датум, бидејќи доста се подигруваа со нас и тие во Брисел и заслужуваме како народ, како граѓани да го отпочнеме овој процес. Затоа што ако континуирано некој си игра со чувствата на овој народ, на граѓаните на Македонија, тогаш ние секогаш ќе најдеме некаков начин да го опструираме тоа – потенцираше Мицкоски.
Мицкоски ги коментираше и случувањата на седницата во Собранието минатата недела, кога пропадна иницијативата на опозицијата за гласање недоверба на Владата.
– Имавме ситуација 59 пратеници кои ја поддржуваат Владата да се држат како заробеници затоа што некој се сомнева во честа и честитоста на тие пратеници, да бидат дел од таа седница и да гласаат „против“. Да претпоставиме дека ќе беа против, тие велат таа влада, предводена од СДСМ и Зоран Заев, да остане, и тоа е легитимно, никој не ги тера со сила. Од едната страна ќе имавме 60 пратеници, минус овој еден кој се потпишал и го нема, од другата страна имаме 59 во пратеничките клупи кои гласаат против иницијативата за гласање на доверба и ќе беше 60:59, еден исчезнат во тој момент, бидејќи се појави дури попладнето после 16 часот откако претседателот на движењето Беса пријави исчезнат пратеник. Овие 59 ќе си гласаа против и јавноста ќе беше заштитена од сето она што се случуваше – рече Мицкоски.