Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, денес, заедно со носителот на Изборната единица 2, Владо Мисајловски, ја посети општината Шуто Оризари. При посетата Мицкоски на граѓаните им порача дека на 15 јули доаѓа обновата на Република Македонија. Со обновата доаѓаат нови 1.000 реални мерки и проекти што ќе го подобрат живеењето на граѓаните.

– Јас верувам дека овде може да биде поинаку и ви давам збор, го имате мојот збор дека навистина во следните четири години ќе направиме преродба не само овде во Шуто Оризари, туку секаде во цела Македонија каде што живее ромскиот народ – вети Мицкоски.

Мицкоски потсети дека власта за овие три години ништо не направи за доброто на Република Македонија. Се ветуваше сè и сешто, а од тоа донесоа само криминал, сиромаштија, рекет.

– Во онаа наша читанка што ја нарековме ‘Проект – Обнова’ ќе најдете повеќе од 1.000 проекти. Таму има проекти и за вашето Шуто Оризари, но не и само за Шуто Оризари, туку буквално за секоја педа. Повеќе од 1.000 проекти што се многу внимателно избирани. Илјада проекти што ќе го подобрат квалитетот на животот на секој наш сограѓанин и таа евидентна разлика ќе се види уште во првите 100 дена. Нема да чекаме со години, туку уште во првите 100 дена ќе се забележи таа евидентна разлика. И повисока просечна плата 25 отсто, и повисока пензија 20 отсто, и повисоки субвенции за земјоделците за 640 милиони евра, повеќе од 1.000 километри нови патишта, реконструирани патишта, локални и регионални, повеќе можности за образование за секој човек – нагласи Мицкоски.

Мицкоски посочи дека ВМРО-ДПМНЕ има изготвено и преодна стратегија, во која се обезбеди студентите да не плаќаат школарина за учебната 2020/2021, можеби и за угостителите овде во Шуто Оризари ќе биде примамливо да знаат дека ќе се намали данокот на додадената вредност од 18 на 10 отсто заклучно со 2021 година. Сè што е пишано на 360 страници во програмата, буквално има за секого нешто.

– Излезете и масовно поддржете го редниот број 14, заокружете го редниот број 14 и на тој начин одлучувате за Македонија каква што сакаме да биде – порача Мицкоски од Шуто Оризари.