Тешко се живее, младите брзаат да ја напуштат Македонија. Тоа е сликата која ја добиваме од граѓаните со кои се среќаваме. Колаицијата за Обнова на Македонија има поддршка. Чувствувам тука во Прилеп дека ќе постигнеме историска победа. Прилепчани без исклучок велат дека живат полошо од порано, изјави Христијан Мицкоски, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ денес на прес конференција на Паркот на револуцијата во Прилеп, најавувајќи го вечерашниот собир во центарот од 20.30 часот.

На новинарското прашање, што е она што коалицијата нуди за да ја освои довербата од граѓаните, Мицкоски рече дека организирале настани низ државата, од каде собрале идеи, а во партијата работеле со многу експерти за изработка на програма од 360 страници, со внимателно изработени над 1.000 проекти, мерки и политики.

– Ние чуда не ветуваме, ние не сме СДСМ, ние не сме волшебници, тоа што ќе го ветиме тоа и ќе го исполниме. Нашиот политички противник знае да вети многу, а прашање е дали ќе успее во еден мандат по еден процент да испорача. Ние стоиме со нашиот кредибилитет, со проекти во економијата, во здравството, за младите, за пензионерите, за реиндустриализацијата, за дигитализацијата како проект, за земјоделците. Има за сите категории на граѓани и тоа го пренесуваме на нашите средби со граѓаните – рече Мицкоски, очекувајќи ја за десетина дена поддршката од граѓаните.

Запрашан за коментар за изјавата на Зијадин Села за формирање на албанска влада, Мицкоски рече дека тоа е дел од фолклорот меѓу албанските политички
партии кој да отиде подесно во наративот.

– Ахмети ги повикуваше албанските партии да формираат сеалбанска коалиција, Села колку што знам ја одби, и не знам зошто сега размислува така. Тоа не во духот на она што ни претстои, а тоа е датум за ЕУ. Оваа држава е заедничка за сите граѓани. Секоја изјава што ја нарушува хармонијата не е добра. Така само се демобилизираат гласовите – изјави Мицкоски во Прилеп, кој попладнево ќе има средба со граѓани во Кривогаштани и во Крушево.

Ка.М.